Манчестер сити е првиот тим во Премиер-лигата што во една сезона забележал 31 победа, собрал 97 поени и постигнал 105 гола

Манчестер сити, кој веќе ја освои шампионската титула во Премиер-лигата, предводен од менаџерот Пеп Гвардиола, во претпоследното, 37-мо коло, забележа нова победа, над Брајтон со 3-1, притоа собори неколку рекорди, но постави и некои нови стандарди.

Манчестер сити е првиот тим што во една сезона собра 97 поени што е нов рекорд, два повеќе од Челси во сезоната 2004/2005, во првата менаџерска сезона на Жозе Мурињо. „Граѓаните“ имаат шанса да бидат и првиот тим во историјата на англискиот фудбал што ќе освои 100 поени, јасно ако го победат Саутемптон на гости в недела. Сити сезонава даде 105 гола што исто така е нов рекорд, два повеќе од 103-те гола што ги постигна Челси во сезоната 2009/2010, но под водство на Италијанецот Карло Анчелоти.

Сити со триумфот над Брајтон, 31-от сезонава, го собори и третиот рекорд на Челси, од ланската 2016/2017 сезона, кога лондонскиот клуб, под водство на Италијанецот Антонио Конте забележа 30 победи. Ист број победи во една сезона – 31, има постигнато и Тотенхем во сезоната 1960/1961 кога ја освои двојната круна, но по 42 одиграни натпревари. Во сезоната 1979/1980, Ливерпул стана првак освојувајќи 68 поени, забележувајќи 30 победи, осум ремија и четири порази. Тогаш за победа се доделуваа по два поена, што значи дека доколку се претворат во сегашните три за победа, „црвените“ освоиле 98 бода, еден повеќе од сегашните 97 на Сити!

Сепак, менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола сугерира дека неговиот тим треба да освои повеќе трофеи пред да се прават какви било споредби со големите тимови на Ливерпул во 1980-тите или на Манчестер јунајтед под водство на Англичанецот Алекс Фергусон, дваесетина години подоцна.

– За да се сметаме за еден од најдобрите во историјата, мораме да освоиме повеќе титули. Не смееме да се сметаме за легендарен тим или да кажеме дека сме подобри од Ливерпул и од Манчестер јунајтед од славните денови, за такво нешто потребни се повеќе успешни години. Но, во една сезона ние бевме подобри од сите во историјата на Премиер-лигата и историјата на англискиот фудбал – вели Гвардиола.