Бранителот на титулата, Манчестер сити, остана на врвот на табелата во англиската Премиер-лига, со 35 бода, по триумфот на гости над Вест Хем (0-4), осми во низа за „граѓаните“ во сите конкуренции. Вест Хем го загуби и четвртиот меч со Сити на Олимпискиот стадион во Лондон, притоа постигнувајќи само еден, а примајќи 17 гола!
Второпласираниот Ливерпул (33 бода), кој со Сити е единствениот тим без пораз сезонава, исто така забележа победа на гости во Лондон, над Вотфорд (3-0). „Црвените“ се без пораз на 13-те меча, првпат по сезоната 2007/2008, и имаат собрано најмногу бодови, 33 во овој период од шампионатот.

Челси го претрпе првиот пораз сезонава, во градското дерби на „Вембли“, од Тотенхем (1-3). Кореецот Сон-Хеунг Мин го постигна 50-от гол за Тотенхем на 154 меча, а за Оливие Жиру, стрелецот на утешниот гол за Челси, тоа беше 20-ти погодок во улога на резервист. Рекордер во Премиер-лигата во оваа категорија е Џермејн Дефо, со 24 гола.

Манчестер јунајтед одигра уште еден лош меч, ремизирајќи без голови на „Олд трафорд“ со Кристал палас, кој е без победа на осум меча по ред во сите конкуренции. Исфрустрираниот менаџер на Јунајтед, Жозе Мурињо, по мечот ги обвини своите избраници дека биле недоволно агресивни и оти играле „без срце“. За Јунајтед ова беше 65-то реми во 26-годишната историја на Премиер-лигата, од кои 31 отсто биле во последните шест сезони, по заминувањето на легендарниот менаџер Алекс Фергусон.
Клаудио Раниери имаше успешно деби на менаџерската клупа на Фулам со триумфот над Саутемптон со 3-2. За Фулам ова беше втора победа сезонава, по седумте порази и двете ремија на последните девет натпревари.