УЕФА размислува за суспензија на Сити поради прекршувања на финансискиот ферплеј (ФФП), а евентуалната казна би следувала во најскоро време

Финансиските истражувачи на Европската фудбалска унија (УЕФА), наводно, ќе препорачаат за првакот на Англија, Манчестер сити, да му се забрани настап во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона!
„Њујорк тајмс“ објави дека истрагата треба да заврши оваа или следната недела, со препорака на Сити да му се забрани играње во ЛШ најмалку една сезона.

Ив Летерм, претседател и главен истражувач на УЕФА за контрола на работењето на клубовите, поседува докази за наводна измама во износ од 60 милиони фунти. Истрагата ги донела заклучоците уште пред две недели во Нион, Швајцарија, но портпаролот на УЕФА не сакаше ништо да коментира.
Во јануари британскиот „Телеграф“ објави дека УЕФА размислува за суспензија на Сити поради прекршувања на финансискиот ферплеј (ФФП). Од клубот негираа какво било кршење на прописите.

Летерм во февруари изјави дека клубот се соочува со најтешка казна доколку се докажат обвиненијата. Во УЕФА се огорчени од тоа дека, според некои документи, во 2015 година на клубот директно му биле уплатени 60 милиони фунти од газдите, арапските милијардери, а декларирани како спонзорство.
Документите, до кои се дошло, наводно, нелегално преку хакирани мејлови, покажуваат оти 59,5 милиони фунти што ги уплатил главниот спонзор на Сити, „Етихад ервејс“, всушност биле уплатени директно од главниот спонзор, групацијата „Абу Даби јунајтед“. Во тој контекст, трансферот на Ријад Марез лани од Лестер, чинеше 60 милиони фунти.

– Ако е точно тоа што е напишано, може да имаме сериозен проблем што може да доведе до најтешка казна, исклучување од натпреварите на УЕФА – рече Летерм во интервјуто за германскиот магазин „Шпигел“.
Според „Шпигел“, Сити ги прекршил правилата на ФФП за 188 милиони евра во 2014 година. Сопственикот на Сити, Шеик Мансур, беше обвинет за финансирање значајни делови во т.н. договори со клупските спонзори, во обид да се избегнат санкциите од УЕФА. „Шпигел“, исто така, тврдеше дека Сити воспоставил тајна шема наречена „Проект Лонгбоу“, која ефективно скрила 40 милиони фунти за исплата на играчите, откако клубот се согласи да ја плати казната од 20 милиони евра како спогодба за прекршување на ФПП.

Но и покрај тоа, Сити тврди дека тоа е организиран и јасен обид да ѝ наштети на репутацијата на клубот и оти нема што било да коментираат за материјали надвор од контекст, наводно хакирани или украдени од клубот, од персоналот и од блиски луѓе на клубот. 


Финансиски ферплеј

Финансискиот ферплеј УЕФА го воведе за да ги спречи клубовите да трошат повеќе отколку што заработуваат, и да се искорени она што тогашниот претседател, Мишел Платини го нарече „финансиски допинг“ во фудбалот.
Според правилата, финансиските загуби се ограничени и клубовите се обврзани да ги исполнуваат сите обврски околу трансферите и платите на вработените во секое време. Клубовите треба да ги балансираат расходите поврзани со фудбалот преку приходите од телевизијата и билетите, плус приходите од комерцијалните зделки. Парите потрошени на стадиони, објекти за тренинзи, за развој на млади или проекти во заедницата се ослободени.
Одделот за финансиска контрола на клубовите (ЦФЦБ) формиран од УЕФА, може да им забрани на клубовите да учествуваат во евронатпреварите, како и да им изречат други казни, како што се предупредувања, парични казни, забрана за награди, забрани за трансфери, одбивање поени, забрана за регистрација на нови играчи и ограничување на бројот на играчи што можат да се регистрираат за натпреварите на УЕФА.