Дејвид Давутовиќ заедно со македонските навивачи во Мелбург

Македонците во Австралија го следат учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство давајќи безрезевна поддршка, што го привлече вниманието и на тамошните медиуми.

Новинарот на австралиската спортска мрежа „Оптус спортс“ Дејвид Давутовиќ имаше прилика да се дружи со македонските навивачи во Мелбурн кои го угостија во локален македонски ресторан во пресрет на денешниот натпревар со Холандија. Давутовиќ и претходно беше гостин на македонската заедница, каде што ужива голема популарност, а се најде и на насловната страница на локалниот македонски весник.

Ресторанот со декор исполнет со македонски знамиња и други симболи на репрезентацијата, важи за омилено место на фудбалскиот клуб Престон лајонс, чии членови се дружеа со Давутовиќ. Тие се пофалија со богата трпеза со ракија, ќебапи, шопска салата, селско месо и други македонски специјалитети.

Наум Секуловски кој настапува за Престон Лајонс, се осврна на учеството на Македонија на континенталниот шампионат.

– Мораме да ги извлечеме позитивните нешта. Дарко Велковски беше одличен, како и Столе Димитриевски на голот. А големиот Горан Пандев постигна гол, го игра и неговиот потенцијален последен меч за Македонија. Ќе го поддржуваме денес, исто како што ја поддржуваме и целата репрезентација во текот на турнирот – вели Секуловски.

Скандирањето „Македонија, Македонија“ во ресторанот беше придружувано од звуците на тарабука, уште еднаш потврдувајќи ја големата приврзаност на македонската заедница во Австралија кон македонската фудбалска репрезентација.