Фудбалскиот клуб Стирлинг лајонс од австралиски Перт соопшти дека го враќа името Стирлинг Маседониа откако Фудбалската федерација на Австралија ги укина прописите со кои се ограничуваат националните одредници во имињата на клубовите.

Стирлинг Маседониа е заемно поврзан со македонската заедница во Западна Австралија, со што најголемиот број членови на управата на овој клуб се Македонци од егејскиот дел. А клубот од Перт истакнува и дека се гордее со тоа што во текот на четириесет и петгодишно постоење за него настапуваа бројни фудбалери од различни националности, што се должи на неговата инклузивност.

Познат како Вест Перт Маседониа во текот на 70-те и во раните 80-ти години на минатиот век, клубот ја освои првенствената титула во неговата трета сезона во државната лига. Во 1986 година, клубот го смени името во Стирлинг Маседониа со преселбата на новиот стадион „Маседониа парк“.  За време на 80-те и 90-те години Стирлинг Маседониа беше еден од најмоќните клубови во Западна Австралија.

Во 1994 година, клубот беше принуден од надлежните спортски институции да ги отстрани етничките референци од името, како и тимовите на другите етнички заедници, со што го смени името во Стирлинг лајонс. Ова беше тешка одлука за сите во клубот и за неговите навивачи, поради поврзаноста со македонската заедница во Западна Австралија.

Во 2019 година Фудбалската федерација на Австралија објави дека се укинуваат прописите со кои се ограничуваа етничките обележја на клубовите, па така Стирлинг одлучи да го врати своето првично име во знак на почит кон наследството врз кое е создаден клубот. На тој начин, во тековната сезона клубот ќе се натпреварува под името Стирлинг Маседониа.