Вечерашното 27. финале од Купот на Македонија во фудбал, ќе се одигра на арената
„Тодор Проески“ во Скопје (18.30 ч.)

Македонија ЃП и Академија Пандев ќе играат во вечерашното, 27. финале од Купот на Македонија во фудбал, на арената „Тодор Проески“ во Скопје (18.30 часот). За Македонија ЃП ова е трето финале, по 2006-та кога триумфира над Шкендија (3-2) и 2009-та кога загуби од Работнички (0-2).
– На вакви натпревари нема фаворит, шансите се 50-50. Ние сме подготвени за овој дуел, расположението е на високо ниво по важната победа над Силекс минатата недела, нема повредени, ниту казнети играчи. Академија Пандев е добар тим, во подем се, но ние имаме неколкумина искусни фудбалери што имаат одиграно по неколку куп-финалиња, како Боби Божиновски, Марко Јовановски, Христијан Кировски, Остоја Стјепановиќ. Ќе дадеме сѐ од себе и се надевам дека пехарот вечерва ќе замине за Ѓорче Петров – изјави тренерот на Македонија ЃП, Александар Таневски.

Струмичка Академија Пандев, која е формирана пред 10 години, ќе го игра првиот финален куп-натпревар.

Академија Пандев, која лани загуби од Пелистер во полуфиналето, имаше одлична сезона, на коло до крајот на првенството ја обезбеди третата позиција на табелата и ќе игра во квалификациите за Лига Европа (ЛЕ).

Сезонава Македонија ЃП и Академија Пандев одиграа четири натпревари. Поуспешна беше Академија Пандев, која забележа две победи (2-1 и 3-0), претрпе еден пораз (0-1), а еден меч заврши без победник (1-1).

– Зад нас е резултатски одлична сезона, би било прекрасно сето тоа да се круниса и со прв трофеј во купот. Имаме млад тим, со голем потенцијал, но и неколку искусни, квалитетни играчи. Мислам дека шансите за триумф се еднакви, на вакви мечеви честопати решаваат нијанси. Како и да е, посакувам финалето да донесе одлична фудбалска претстава, да победи фудбалот – вели стратегот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски. 630