Арена „Национал“ во Букурешт

Градовите-домаќини на ЕП 2020 треба да гарантираат присуство на публика на трибините, а УЕФА конечната одлука треба да ја донесе на состанокот на Извршниот комитет (ИК) на 19 април, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Романија планира да пречека 13.000 гледачи на арената „Национал“ во Букурешт (капацитет од 54.000 места), на која два меча треба да одигра фудбалската репрезентација на Македонија, со Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни, на Европското првенство (ЕП), а на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам (капацитет 54.000 места), каде што Македонија на 21 јуни треба да игра со Холандија, ќе можат да присуствуваат најмалку 12.000 гледачи, потврди Кралскиот фудбалски сојуз на Холандија (КНВБ), пишува „Би-би-си“. На двата стадиона се закажани по три натпревари во групата Ц, како и по еден натпревар од осминафиналето.
Пред два дена заврши рокот за 12-те града-домаќини на ЕП за доставување на плановите до Европската фудбалска унија (УЕФА) за тоа колку гледачи ќе може да има на нивните стадиони, за време на ЕП, кое треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули. Градовите-домаќини треба да гарантираат присуство на гледачи на трибините, а УЕФА конечната одлука треба да ја донесе на состанокот на Извршниот комитет (ИК) на 19 април, пишува „Би-би-си“.

Повеќето градови се изјасниле дека на трибините на нивните стадиони ќе има публика, од 25 до 50 отсто од капацитетите, но некои поради ситуацијата со ковид-19 уште се неизвесни и можно е таму да не се играат натпревари.
ЕП 2020 треба да почне во Рим, на стадионот „Олимпико“, со мечот Италија – Турција, на 11 јуни. Според Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), на стадионот „Олимпико“ ќе има гледачи (капацитет 72.698), но не се наведува точната бројка. Во Рим се планирани три меча од групната фаза и едно четврт-финале.
Стадионот „Вембли“ во Лондон (капацитет од 90.000 места) треба да биде домаќин на седум натпревари (на три натпревари во групната фаза, еден меч во осминафиналето, двете полуфиналиња и на финалето, на 11 јули). Британската влада соопшти дека во Англија од средината на мај ќе бидат дозволени до 10.000 гледачи, а од 21 јуни неодредена бројка. „Би-би-си“ наведува дека Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија ѝ најавила на УЕФА оти се надева дека „Вембли“ ќе може да биде домаќин на околу 20.000 гледачи за натпреварите во групата (дозволена бројка за финалето на ФА-купот во мај) и многу повеќе за нокаут-натпреварите.

ФА соопшти дека е подготвена да биде домаќин и на други натпревари што не ќе можат да се играат на друго место.
Шкотската влада во средата одобри 12.000 гледачи на стадионот „Хампден парк“ (три меча во групната фаза и едно осминафинале), што е 25 отсто од капацитетот. Данците ќе дозволат „најмалку 11.000-12.000“ гледачи на стадионот „Паркен“ (три натпревари во групната фаза и едно осминафинале) во Копенхаген (капацитет 38.000 гледачи). Директорот на рускиот организациски комитет, Алексеј Сорокин, рече дека верува оти натпреварите на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург (три средби во групната фаза и едно четврт-финале), кој е со капацитет 68.000 места, ќе може да се играат „со минимум од можните ограничувања“ и со исполнетост на трибините до 50 отсто, пишува „Би-би-си“.

Арена „Јохан Кројф“ во Амстердам