Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено на гостувањето кај Естонија 3-3, постигнувајќи два гола во завршницата од мечот во Лигата на нациите, во кој селекторот Игор Ангеловски одлучи да одмори неколку стандардни членови на почетната постава.

Македонија дојде во водство во третата минута со автогол на дефанзивецот Мартин Куск постигна по недоразбирање со естонскиот голман. Сепак, Естонија успеа да се врати со голот на Рауно Сапинен во 33-та минута по слаба реакција на македонската одбрана одбрана.

Во 61-та минута, Естонците направија пресврт, со уште еден гол на Сапинен по слободен удар. Влегувањето во игра на Горан Пандев и на Илија Несторовски внесе свежина во нападот што резултираше со пенал за Македонија во 67-та минута, но  Александар Трајковски не успеа да го искористи, погодувајќи ја гредата.

Во 74-та минута беше досуден пенал за Естонија по игра со рака во шеснаесетникот на Македонија, по што домаќинот дојде до предност од 3-1 преку Франк Ливак. Македонија сепак успеа да стигне до реми преку головите на Пандев во 80-та и на Ѓоко Зајков во 88-та минута.

Во вториот меч од групата 2, Ерменија ремизираше со Грузија 2-2, по што Македонија останува израмнета со Грузијците на првото место на табелата. Македонија во следното коло од тековната Лига на нациите ќе ја пречека Грузија в среда. А Грузија е и противник на националната селекција во баражот за пласман на Европското првенство 2021, кој ќе се одигра в Тбилиси на 12 ноември.