Црвено-жолтите играат со селекцијата на Израел и со победа ќе бидат четврти, но ако и Полска ја совлада Словенија тогаш Македонија ќе го освои третото место во групата Г

Македонската фудбалска репрезентација со победа утре (од 20.45 часот) на мечот со Израел, во Скопје, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, има можност да обезбеди пласман што никогаш досега не го остварила – да биде трета во групата.
Полска и Австрија од групата Г се пласираа на ЕП 2020, Словенија моментално е трета со 14 бода, а следуваат Македонија и Израел со по 11 бода. Македонија со победа на дуелот со Израел сигурно ќе биде четврта во групата Г, а трета ќе биде ако и Словенија загуби од Полска на натпреварот на гости, исто така, утре, во тоа 10-то коло.

Во случај на ист број бодови по 10 кола со Словенија, предност ќе има Македонија поради подобриот меѓусебен скор во овој квалификациски циклус за континенталното првенство (Македонија победи со 2-1 дома и ремизира 1-1 на гости). Во минатите квалификациски кампањи, за ЕП или за светските првенства, највисок пласман на Македонија се четвртите места.

Шансата да се најде на завршниот турнир на ЕП 2020 Македонија ќе ја бара преку плејофот на Лигата на нациите, во март в година, кога во полуфиналето треба да игра со Косово, дома. Победникот од тој дуел ќе игра уште еден меч (домаќинот ќе биде одреден со ждрепка на крајот на ноември) со победникот од средбата Грузија – Белорусија.


ГРУПА Г
Австрија – Македонија 2-1
Словенија – Летонија 1-0
Израел – Полска 1-2
ТАБЕЛА
Полска 9 7 1 1 15-3 22
Австрија 9 6 1 2 19-8 19
Словенија 9 4 2 3 14-8 14
Македонија 9 3 2 4 11-13 11
Израел 9 3 2 4 16-14 11
Летонија 9 0 0 9 2-28 0
Идно коло (утре): Македонија – Израел, Летонија – Австрија, Полска – Словенија.