Фото: Игор Бансколиев

По три кола, Македонија е на второто место во групата Ј со шест бода. Следува средбата со водечката во групата, Ерменија, во Скопје, в четврток, а потоа се и мечевите со Исланд на гости в недела и со Романија дома на 8 септември

Македонската фудбалска репрезентација денеска треба да го има првиот тренинг пред продолжението на квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во Катар. Мечот од четвртото коло во групата Ј, со Ерменија во Скопје, в четврток, (20.45 часот), ќе биде и деби на новиот селектор, Благоја Милевски. Потоа следуваат и средбите со Исланд на гости в недела и со Романија дома на 8 септември. За средбите, Милевски повика 26 фудбалери.

По три кола, Македонија е на второто место во групата со шест бода (победи над Лихтенштајн дома и над Германија на гости), колку што има и Германија. Води Ерменија со девет бода.

На Светското првенство во 2022 година ќе се пласираат победниците на десетте квалификациски групи, како и уште три најдобри селекции од баражот, во кој ќе учествуваат 12 селекции, и тоа 10-те второпласирани во групите и две репрезентации што победиле во своите групи во Лигата на нациите, а не се пласирале на СП низ квалификациите и не се меѓу второпласираните во групите.

Македонија и Ерменија досега 10 пати се сретнале меѓу себе (во квалификации за светските првенства, за европски првенства и во Лигата на нации), двете селекции имаат по четири победи, со идентичен ефект на свој терен (по три победи и по едно реми и пораз).

Во квалификации за мундијалите, Македонија победи во двете одиграни средби со Ерменија (за СП 2006), а двете репрезентации играа меѓу себе и во двете изданија на Лигата на нациите (во 2018 и во 2020 година) и забележаа по две победи.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги пушти во продажба влезниците за средбите со Ерменија и со Романија, по цена од 300 денари по меч. Капацитетот на националната арена „Тодор Проески“ е ограничен во согласност со мерките утврдени за заштита од коронавирусот и протоколот на УЕФА за присуство на гледачи на трибините.


Младите ѝ гостуваат на Франција во 1-то коло од квалификациите за ЕП

Неделава и младата репрезентација, за фудбалери до 21 година, почнува со квалификациски циклус, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година во Романија и во Грузија. Во првото коло на групата Х, Македонија ѝ гостува на Франција в четврток, а на 7 септември е дуелот со Србија во Охрид. Во групата се и репрезентациите на Ерменија, Фарските Острови и на Украина. На ЕП ќе се пласираат победниците на деветте квалификациски групи и најдобрата репрезентација меѓу второпласираните, како и четири победници на баражот, во кој ќе играат преостанатите осум второпласирани селекции.