Македонија вечерва (арена „Филип Втори“ 20.45 часот) го пречекува Лихтенштајн, во Лигата на нациите, против кого има одличен биланс во меѓусебните дуели, шест победи и само едно реми

Многу проблеми за селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, пред вечерашниот натпревар против Лихтенштајн (арена „Филип Втори“, 20.45 часот), трет во групата 4 во лига Д, во Лигата на нациите (ЛН). Вчерашниот пладневен тренинг на арената „Филип Втори“ беше одложен за попладневните часови поради тоа што четворица фудбалери (Мите Цикарски, Стефан Спировски, Бобан Николов и Ферхан Хасани) се пожалиле на стомачни тегоби. Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објавија дека лекарскиот тим прави максимални напори да ги оспособи за игра, дека не станува збор за некаква епидемија и оти тоа се изолирани случаи.

Неволјите за селекторот Ангеловски почнаа со повредата на мускулот и откажување на центархалфот Дарко Велковски (како замена беше повикан Ѓоко Зајков), а продолжија со повредата на напаѓачот Иван Тричковски, кој, исто така, нема да игра на вечерашниот, но и на мечот во вторник кај Ерменија.

Сепак, Македонија е голем фаворит за триумф над Лихтенштајн, по кој би се зацврстила на челната позиција на табелата со огромни шанси, во случај на позитивен исход од мечот со Ерменија да ја освои првата позиција во групата што води во повисок ранг. Првото место гарантира и настап во плејофот, во март 2020, со трите првопласирани репрезентации од преостанатите три групи во лигата Д. Победникот ќе се пласира на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Селекторот уште на почетокот од мини-подготовките истакна дека Македонија е фаворит во овој дуел, дека не бега од таа улога и очекува по трите меча да имаме максимален ефект од девет бода. Македонија има многу поквалитетен состав и сѐ освен победа би било големо изненадување.

– Сакаме да ги освоиме трите бода и да продолжиме таму каде што застанавме. Очекувам победа против Лихтенштајн, уште подобро ако забележиме нова победа со допадлива игра – изјави Ангеловски.

Вечерашниот натпревар Македонија – Лихтенштајн ќе биде осми меѓу овие две селекции. Македонија е многу поуспешна, забележа шест победи и само едно реми, со вкупна гол-разлика 27-4. Последните два натпревара беа во квалификациите за СП 2018. Во март 2017-та во Вадуц, Македонија триумфира со 3-0, а во реваншот во Струмица, во октомври, со 4-0. Во ноември 1996-та, во квалификациите за СП 1998, Македонија го совлада Лихтенштајн на гости со 11-1 што е најголемата победа во 25-годишната историја на македонската репрезентација.

Македонија е без примен гол на досегашните два меча во ЛН одиграни минатиот месец. Во првиот натпревар беше совладан Гибралтар на гости со 2-0, а во Скопје во втората средба директниот конкурент за првото место, Ерменија со идентични 2-0. 


Вечерва дефиле на репрезентативците од Крањ во 1993-та

Денеска, 13 октомври, се навршуваат 25 години од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија. На тој 13 октомври во 1993 година во Крањ, Македонија во пријателски натпревар ја совлада Словенија со 4-1. Стрелци на головите беа Зоран Бошковски, Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драган Канатларовски. Селектор на репрезентацијата беше Андон Дончевски. 

Актерите во тој историски настан, фудбалерите и членовите на стручниот штаб, вечерва пред почетокот на мечот со Лихтенштајн во Лигата на нациите (20.45 часот) ќе продефилираат пред публиката. За Македонија на тој меч настапија: Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски, Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски и Тони Мицевски.