Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на денешните средби со раководствата на СВР Тетово и ОВР Гостивар, потенцираше дека политичките, националните и етничките разлики не треба да се пречка за успешна соработка во организација на парламентари изборите и фубалскиот натпревар помеѓу македонската и косовската фудбалска репрезентација, кои следат. Полициските служеници треба да постапуваат професионално и одговорно, во согласност со законите.

Министерот оцени дека натпреварот на нашата фудбалска репрезентација со косовската може да се игра со публика, а одлуката за тоа дали треба да се игра со публика или не, поради можна опасност од коронавирусот, не ја носи Министерството за внатрешни работи, туку Владата.

На средбите, министерот Чулев беше информиран за безбедносната состојба на територијата на СВР Тетово, односно дека е стабилна и без посебни нарушувања на јавниот ред и мир, со посебен акцент на 2019 година кога е забележан пад на бројот на сторени кривични дела, а зголемен е бројот на откриени сторители.

На средбите беше разговарано и за значењето на превенцијата во полициското работење и беше заклучено дека превентивната улога на МВР е сегментот на кој во иднина треба да се посвети посериозно внимание.

Министерот Чулев беше запознаен и со мерките кои ги презема СВР Тетово за обезбедување на лицата кои се вратиле од подрачјата каде е регистриран зголемен број на заразени од корона вирусот, како и за мерките кои се преземаат во пресрет на фудбалскиот натпревар помеѓу македонската и косовската фудбалска репрезентација.