Македонската фудбалска репрезентација доживеа пораз од 2-1 на гостувањето во Виена, кај селекцијата на Австрија во претпоследниот меч од квалификациите за ЕУРО 2020.

Иако селекторот Игор Ангеловски пред овој меч не можеше да смета на речиси половина стартна постава, сепак нашиот национален состав одигра храбро и достоинствено, а во финишот од мечот и со почесен погодок во противничката мрежа.

Австрија тргна офанзивно уште од првите минути, а веќе во 7 минута по една неуспешна офсајт стапуца, домаќините преку Давид Алаба дојдоа во водство од 1-0. Австријците имаа повеќе од играта во првиот дел, а пред голот на Столе Димитриевски најголемата опасност доаѓаше од Арнаутовиќ. Сепак нашиот голман беше на висината на задачата и спречи зголемување на водсвото на Австрија.

Нашите фудбалери во првиот дел беа во подредена улога, средината на теренот не функционираше најдобро, што отвораше можноста за домаќините да се закануваат кон нашиот гол. Сепак на полувреме се отиде со резултат 1-0. 

Поради повреда, во првиот дел Ангеловски беше принуден да направи замена. Играта ја напушти Александар Трајковски, а на негово место влезе Влатко Стојановски. 

Почетокот на второто полувреме беше како реприза на воведот на мечот. Македонските дефанзивци лошо реагираа по еден корнер, па Стефан Лаине уште на стартот на полувремето по една мешаница во шеснаесетникот погоди на 2-0.

Првата конкретна закана кон австрискиот гол ја имаше Енис Барди, директно од корнер. Малку недостасуваше да се изненади противничкиот голман. 

Влатко Стојановски имаше неколку убави шанси во средината на вториот дел да постигне гол, но останаа нерализирани.

Она што претходно не му успеа, напаѓачот на француски Ним го реализираше во својата трета шанса во 90 минута за конечни 2-1.

Македонија во последното коло од ове квалификации игра уште против Израел во Скопје.