На списокот на селекторот Ангеловски за мечевите со Романија, Лихтенштајн и со Германија, од 25 до 31 март, има 26 фудбалери што беа стандардни во Лигата на нациите и во квалификациите за ЕП 2020

ФУДБАЛ – СЕЛЕКТОРОТ ИГОР АНГЕЛОВСКИ ГО ОДРЕДИ СОСТАВОТ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, објави список со 26 фудбалери за мечевите со Романија (на 25 март, во Букурешт), Лихтенштајн (28 март, Скопје) и со Германија (31 март, Дуизбург) во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Во групата Ј се и селекциите на Исланд и на Ерменија. Собирот на репрезентативците за овие мечеви е закажан за понеделник во Скопје.
– На списокот се играчи што се дел од репрезентацијата подолг период. Може да се забележи дека 99 отсто од повиканите се истите што претходно го понесоа товарот, играјќи во Лигата на нациите и во квалификациите за Европското првенство, и кои успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на ЕП, првпат во историјата, нешто на што чекавме од нашата независност. Како човек и како селектор, никогаш не би му го одзел правото некому да биде дел од националниот тим, а да го заслужува тоа, како со односот кон репрезентативниот дрес така и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа – изјави Ангеловски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

За репрезентацијата на Македонија ова ќе биде седми квалификациски циклус за пласман на светските првенства (првиот за Мундијалот во 1998 година). Највисок пласман во квалификациите е четвртото место во групата.
Во квалификациите за СП 2022, Македонија е во групата Ј со Германија, Романија, Исланд, Ерменија и со Лихтенштајн. Во првиот циклус, за СП 1998, Македонија, исто така, беше во група со Романија, Ерменија и со Лихтенштајн (тогаш играше и со Литванија и со Република Ирска). Македонија се сретна со Романија и со Ерменија и во квалификациите за СП 2006, со Исланд во циклусот за СП 2010, а со Лихтенштајн и за СП 2018. Вкупно во квалификации за СП Македонија третпат ќе игра со Романија, Ерменија и со Лихтенштајн, вторпат со Исланд и првпат со Германија.

Од ривалите во квалификациите за СП 2022, Македонија досега играла 10 пати со Ерменија (по четири победи и порази и две ремија), девет пати со Лихтенштајн (осум победи и еден нерешен резултат), пет пати со Романија (една победа и четири пораза), четири пати со Исланд (две победи и по едно реми и пораз) и ниту еднаш со Германија.
На СП 2022 ќе се пласираат првопласираните селекции од секоја од 10-те квалификациски групи. Во баражот за уште три места на СП ќе играат десетте второпласирани и уште две селекции од победниците на групите во Лигата на нациите што нема да обезбедат пласман на СП или место во баражот низ квалификациите.


СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Мартин Богатинов (Етникос Ахна, Кипар), Ристе Јанков (Работнички).
ОДБРАНА: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Висар Муслиу (Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Езѓан Алиоски (Лидс, Англија), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија).
СРЕДЕН РЕД: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (Лече, Италија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Даниел Аврамовски (Кајзериспор, Турција), Марјан Радески (Академија Пандев), Ферхан Хасани (Партизани, Албанија).
НАПАД: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција).

ГРУПА Ј
1. коло, 25 март
Романија – Македонија
Германија – Исланд
Лихтенштајн – Ерменија
2. коло, 28 март
Македонија – Лихтенштајн
Ерменија – Исланд
Романија – Германија
3. коло, 31 март
Германија – Македонија
Ерменија – Романија
Лихтенштајн – Исланд