Актуелен светски првак е Франција

Македонија е во четвртиот барабан и нема да игра со БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и со Луксембург

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ЖДРЕПКА ВО ЦИРИХ

Во седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих, Швајцарија, за вечерва, од 18 часот, е закажана ждрепката за европските квалификациски групи за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Поради пандемијата на ковид-19, на виртуелниот настан нема да присуствуваат претставници на земјите-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Првпат најсилните фудбалски земји во Европа се заедно во еден барабан, со тоа што Франција, актуелниот светски првак, се врати во тоа друштво по 12-годишно отсуство. Македонија е во четвртиот барабан.
Земјите-членки на УЕФА, вкупно 55, ќе бидат распоредени во 10 групи, во пет со по шест и во пет со по пет репрезентации. Таквиот распоред по барабани е базиран врз пласманот на репрезентациите на ранг-листата на ФИФА од 26 ноември годинава.
Четирите репрезентации финалисти во Лигата на нациите (ЛН) на турнирот во 2021 година, Белгија, Франција, Италија и Шпанија, ќе бидат во групите со по пет селекции.

Квалификациските натпревари треба да почнат во март 2021 година, со тоа што 10-те првопласирани во групите директно ќе се пласираат на финалниот турнир. Десетте второпласирани селекции ќе разигруваат во плејофот (во по три нокаут-натпревари), каде што ќе им се придружат две репрезентации со најдобар ефект во групите во Лигата на нации (ЛН), кои нема да се квалификуваат директно или не стигнале до баражот. Преку разигрувањето ќе се добијат уште три европски репрезентации за настап на Мундијалот во 2022 година, вкупно 13 селекции.
СП 2022 првпат ќе се игра наесен, од 21 ноември до 18 декември. На завршниот турнир ќе играат 32 репрезентации, а актуелен светски првак е Франција.
Од првиот барабан за ждрепката за квалификациите за СП во 2022 година, Македонија во претходните квалификации играше со пет репрезентации.

Македонија се сретна со Холандија во квалификациите за СП 2006 и за СП 2010, потоа со Хрватска и со Белгија за СП 2014, како и со Шпанија и со Италија во минатиот циклус, за СП 2018. Од тие дуели, бодови се освоени на средбите со Холандија (2-2 дома и 0-0 на гости) и со Италија (1-1 на гости). Од другите селекции од првиот барабан, Македонија играла со Англија и со Данска во квалификации за европските првенства, со Португалија само во пријателски средби, а никогаш не се сретнала со Германија и со Франција. 


Де Роси и Ван дер Варт помагаат при ждрепката

Фудбалските легенди Даниеле де Роси и Рафаел ван дер Варт се именувани за асистенти за влечењето на групите за европските квалификации за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Де Роси, член на италијанската репрезентација што ја освои светската титула на Мундијалот во 2006 година, а играше на СП 2010 и СП 2014, за Италија одигра 117 меча. На клупско ниво, тој играше за Рома и за Бока јуниорс.
Ван дер Варт, кој настапи 109 пати за Холандија, играше на СП 2006, а беше дел од составот што стигна до финалето на СП во Јужна Африка четири години подоцна. Ван дер Варт го покажа својот талент во неколку врвни клубови, вклучувајќи ги Ајакс, Хамбургер, Реал Мадрид, Бетис и Тотенхем.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

Барабан 1: Белгија, Франција, Англија, Португалија, Шпанија, Италија, Хрватска, Данска, Германија, Холандија
Барабан 2: Швајцарија, Велс, Полска, Шведска, Австрија, Украина, Србија, Турција, Словачка, Романија
Барабан 3: Русија, Унгарија, Р. Ирска, Чешка, Норвешка, С. Ирска, Исланд, Шкотска, Грција, Финска
Барабан 4: БиХ, Словенија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија, Луксембург
Барабан 5: Ерменија, Кипар, Фарски Острови, Азербејџан, Естонија, Казахстан, Косово, Литванија, Летонија, Андора
Барабан 6: Малта, Молдавија, Лихтенштајн, Гибралтар, Сан Марино


РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

од 24 до 31 март 2021 г. прво, второ и трето коло
од 1 до 8 септември 2021 г. четврто, петто и шесто коло
од 8 до 12 октомври 2021 г. седмо и осмо коло
од 11 до 16 ноември 2021 г. деветто и десетто коло
од 24 до 29 март 2022 г. плејоф