Фото: Игор Бансколиев

Добро ги познаваме, ја изанализиравме нивната игра, физички се доста силни, знаеме што нѐ очекува. Но и ние имаме квалитетен тим, потребно искуство и неопходна самодоверба за вакви натпревари. Ќе биде тешко, но се надевам на поволен резултат од овој натпревар, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, пред утрешниот меч со Австрија на дебито на европските првенства

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Недела, 13 јуни 2021 година е историски ден за фудбалска Македонија. На деби-настапот на едно големо натпреварување, на Европското првенство (ЕП) 2020, кое поради пандемијата на коронавирусот беше одложено за една година, Македонија се среќава со Австрија, на арената „Национал“ во Букурешт (18 часот). Македонија е 35-та земја што се квалификува на ЕП.
– Играме во доста израмнета група, во која според квалитет ниту една репрезентација не отскокнува. Австрија, нашиот прв противник, двапати нѐ совлада во квалификациите за ЕП 2020, но ова ќе биде сосема поинаков меч. Добро ги познаваме, ја изанализиравме нивната игра, физички се доста силни, знаеме што нѐ очекува. Но и ние имаме квалитетен тим, потребно искуство и неопходна самодоверба за вакви натпревари. Ќе биде тешко, но се надевам на поволен резултат од овој натпревар – вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
Македонија и Австрија досега одиграа само два меча, двата во квалификациите за ЕП 2020 што ги добија Австријците (4-1 и 2-1). Како и Македонија, и Австрија ја посакува првата победа на ЕП. На претходните две, на ЕП 2008 и на ЕП 2016, на шесте натпревари Австријците претрпеа четири порази и двапати ремизираа, и имаат вкупна гол-разлика 2-7.
Австрија нема победа на големите турнири, на ЕП и на светските првенства (СП), по онаа над САД (2-1) во групната фаза на СП 1990. Најголемото фудбалско достигнување на Австрија е третото место на СП 1954 во Швајцарија. Последен пат Австрија играше на СП во 1998 година во Франција.
На Македонија добро ѝ е позната арената „Национал“ во Букурешт. Претходниот меч таму го одигра на 25 март годинава, против домаќинот Романија во квалификациите за СП 2022 и загуби со 2-3. Австрија првпат ќе игра на арената „Национал“.
Македонија играше добро и во двата тест-меча пред ЕП, ремизира со Словенија (1-1) и го победи Казахстан (4-0). Австрија загуби од Англија со 0-1 и одигра без голови со Словачка, што значи дека остана на само една победа во претходните шест натпревари, таа над Фарски Острови, со 3-1, во март годинава, и нема постигнато гол повеќе од 300 минути.
– Расположението ни се зголемува од ден на ден и ние ќе бидеме подготвени за дуелот со Македонија, убеден сум во тоа – изјави Фода, кој вообичаено игра во формацијата 4-3-3 или 4-3-2-1.


Холандија – Украина третпат, првпат на ЕП

Во вториот меч во групата Ц на фудбалското Европско првенство, на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, утре (21 часот), ќе се сретнат Холандија и Украина. Ефектот на Холандија на тој стадион е 39 победи, 19 ремија и 14 порази. Но на последните 19 натпревари постигнаа само седум победи, а загубија 10. Украина првпат ќе игра во Амстердам.
Ова ќе биде трет меѓусебен меч меѓу овие две селекции, прв официјален по двете пријателски во 2008 и во 2010-та, 3-0 и 1-1. На двете средби настапи сегашниот селектор на Украина, Андриј Шевченко. За Холандија, европскиот првак од 1988 година, ова ќе биде 10-то учество на ЕП. За Украина трето, и тоа во низа.


ДВОЈКИ ДЕНЕСКА

Група А
Велс – Швајцарија 15 ч.
Група Б
Данска – Финска 18 ч.
Белгија – Русија 21 ч.
УТРЕ
Група Ц
Македонија – Австрија 18 ч.
Холандија – Украина 21 ч.
Група Д
Англија – Хрватска 15 ч.