Според пласманот на табелите во домашните првенства до 31 март, директно место во ЛШ немаат обезбедено, меѓу другите, Ајакс, Порто, Валенсија, Севилја, Арсенал, Челси, Борусија (М)…

Гетафе, Ајнтрахт, Милан и Истанбул Башакшехир би играле, меѓу другите, во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) идната сезона ако на крајот од сезонава пласманот на табелите во домашните првенства остане каков што е викендов, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Од нив Гетафе и Истанбул би дебитирале, а Ајнтрахт и Милан би се вратиле по долгогодишна пауза.

Вкупно 26 тима, меѓу нив европскиот првак и победникот на Лига Европа, директно ќе се пласираат во групната фаза, а шест ќе се добијат од квалификациите. Од најсилните четири домашни првенства (Англија, Шпанија, Германија и Италија), по четири тима ќе играат во ЛШ. Во моментов тоа се Ливерпул, Манчестер сити, Тотенхем, Манчестер јунајтед, Барселона, Атлетико, Реал, Гетафе, Борусија (Д), Баерн, Лајпциг, Ајнтрахт, Јувентус, Наполи, Интер и Милан. Од другите земји, на места за директен пласман во ЛШ се ПСЖ, Лил, Зенит, Локомотив Москва, Бенфика, Шахтар, Генк и Истанбул Башакшехир.

Од тимовите што сезонава се во четврт-финалето, само Ајакс и Порто не се на позиција на табелата за директен пласман. Покрај Гетафе, во трка за четвртото место во Шпанија е и Алавес, кому, исто така, тоа би му било прв настап во ЛШ. И Гетафе и Алавес никогаш досега не играле ниту во квалификациите за ЛШ, а вкупно имаат само два настапа во европските купови, Алавес во финалето на Лига Европа во 2001 година, а Гетафе играше во сезоната 2010/2011.

Ајнтрахт би играл првпат во елитното натпреварување од настапот во финалето во 1960 година, во тогашниот Куп на шампионите. Седумкратниот европски првак Милан, пак, би се вратил во ЛШ по шест години (во сезоната 2013/2014 загуби во осминафиналето од Атлетико).

Во Германија во трка е и Борусија (М) со два бода помалку од Ајнтрахт, во Шпанија и Валенсија и Севилја со по три бода помалку од Гетафе, а во Англија и Арсенал и Челси со по еден бод заостанување зад Тотенхем и зад Манчестер јунајтед. 


МОЖНИ УЧЕСНИЦИ ВО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЛШ
Шпанија Барселона, Атлетико, Реал, Гетафе
Англија Ливерпул, Манчестер С., Тотенхем, Манчестер Ј.
Италија Јувентус, Наполи, Интер, Милан
Германија Борусија (Д), Баерн, Лајпциг, Ајнтрахт
Франција ПСЖ, Лил
Русија Зенит, Локомотив Москва
Португалија Бенфика
Украина Шахтар
Белгија Генк
Турција Истанбул Башакшехир
Извор: УЕФА (според табелите заклучно со 31 март)