Според анализата на ЦИЕС сезонава во ЛШ имало 29,5 отсто победи со барем три гола разлика, што е најголем процент од 29-те натпреварувања влезени во истражувањето и е за осум отсто повеќе од лани. На другата страна на листата се Германија и Русија, со најмал процент високи победи

За 5,5 отсто во однос на лани се зголемиле победите со три и повеќе гола разлика во Лигата на шампионите (ЛШ), покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Сезонава 29,5 отсто од натпреварите во најсилното клупско натпреварување во Европа завршиле со убедлива победа (три и повеќе гола разлика) на еден тим и тоа е најголемиот процент забележан во анализата на ЦИЕС во која се влезени 29 натпреварувања на Стариот Континент. Овој процент на ЛШ е речиси двојно поголем од тој во Лига Европа (16 отсто сезонава, три проценти повеќе од лани во исто време). На третото место на оваа листа е англиската Премиер-лига со 21,9 процент вакви натпревари со победа од барем три гола разлика на некој тим (зголемување за четири отсто во однос на истиот период во минатата сезона).

На другиот крај на табелата на која се само најсилните домашни првенства (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија), е германската Бундес-лига со 11,1 отсто (намалување за шест проценти во однос на лани). Според ЦИЕС, најмалку високи победи сезонава има во Русија, 10,5 отсто (намалување за четири проценти). Вкупно за 29-те натпреварувања процентот е 17,3 и е зголемување во однос на лани за 1,1 отсто. Процентот на небалансирани натпреварувања пораснал во 20 од 29-те анализирани натпреварувања во Европа, велат од ЦИЕС. Пораснала и просечната победничка разлика во голови на еден меч од 1,37 на 1,40. И во оваа категорија најголемо зголемување има во ЛШ, од 1,55 на 1,87 (зголемување за 21 насто). Оваа анализа покажува генерален тренд на натпреварувачка неизрамнетост во фудбалска Европа, велат од ЦИЕС.