Белгиецот Ромелу Лукаку постигна два гола (исто колку и Еден Азар) на мечот Белгија – Тунис (5-2), претходно постигна уште два на средбата против Панама (3-0) во 1-то коло, со што стана првиот белгиски фудбалер што постигнува четири гола на СП, или вкупно седум, на СП и на ЕП заедно, најмногу во историјата на оваа земја.
Лукаку (25) е во трката за признанието најдобар стрелец на СП во Русија со четирите гола, колку што имаaт дадено и Португалецот Кристијано Роналдо и Англичанецот Хари Кејн. Лукаку и Кејн се првите фудбалери, по Диего Марадона и СП 1986 во Мексико што постигнуваат по два гола на два меча едноподруго (Марадона погодуваше на мечевите со Англија и со Белгија). Претходно по два гола на два меча едноподруго на СП постигнувале Бразилците Гаринча (СП 1962), Португалецот Еузебио (СП 1966), Бразилецот Пеле (СП 1958), Аргентинецот Марио Кемпес (СП 1978) и Англичанецот Гари Линекер (СП 1986).
Вкупно Лукаку на 71 меч за Белгија постигна 40 гола, што, исто така, е рекордна бројка во таа земја. На последните 11 натпревари во репрезентативниот дрес тој постигна 17 гола.