ФУДБАЛ

Новата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига, вкупно 29-та од ребрендирањето на натпреварувањето, а вкупно 141., треба да почне утре, со мечот Фулам – Арсенал, од 13.30 часот. Од петте најсилни лиги во Европа (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија), викендов треба да почне и сезоната во Шпанија, со средбата Еибар – Селта, од 16 часот.
Претходно почна првенството на Франција (викендов на програмата е третото коло), а сезоните во Германија и во Италија треба да почнат идната недела, во Бундес-лигата со средбата Баерн – Шалке, на 18 септември, а во Серија А со дуелот Фиорентина – Торино, на 19 септември.

Новата сезона во Премиер лигата почнува само 48 дена откако заврши претходната (вообичаено меѓу две сезони има подолга пауза, но сега е вака поради пандемијата на коронавирусот, која го одложи завршувањето на минатата сезона), со Ливерпул како шампион, првпат по 30 години. Во однос на минатата сезона клубовите направија измени во составите, а преодниот рок трае до почетокот на октомври. Досега, според податоците на „Гардијан“, за трансфери премиерлигашите потрошиле околу 900 милиони фунти.

Два дуела од првото коло се одложени, Барнли – Манчестер јунајтед и Манчестер сити – Астон вила. Другите двојки за викендов се Кристал палас – Саутемптон, Ливерпул – Лидс, Вест хем – Њукасл, ВБА – Лестер, Тотенхем – Евертон, Шефилд – Вулверхемтпон и Брајтон – Челси.