Аргентинецот Лионел Меси стана најтрофејниот фудбалер во (пре)богатата историја на Барселона долга 118 години, откако каталонскиот клуб ја совлада Севилја со 2-1 во шпанскиот Суперкуп одигран во Танџир, Мароко, прв што се играше во еден меч и прв во странство.

За Меси (31) ова е 33-ти трофеј во кариерата, еден повеќе од Андрес Иниеста, кој има 32, од Жерар Пике и Серхио Бускетс со по 28, Чави 25 итн. Во богатата колекција на Меси се четирите титули првак на Европа, деветте титули првак на Шпанија, шесте „кралски“ купа, седумте шпански суперкупа и по три европски и светски суперкупа.
Првиот трофеј, титулата првак на Шпанија, Меси ја освои во сезоната 2004/2005, како тинејџер. Најуспешна година му беше 2009-та кога ги освои сите шест можни трофеи, нешто што досега не му успеало на ниту еден клуб.
Покрај ова, Меси е рекордер и според бројот на постигнати голови за Барса во сите конкуренции, 576, од кои 542 (исто рекордни) на официјалните мечеви. Меси, кој ја наследи и капитенската лента од Иниеста, има дадено најмногу голови за Барса и во еврокуповите (103).

За Барселона ова беше деветти настап во последните 10 Суперкупа и шести триумф, вкупно 13-ти.
– Не знам точно како се чувствува Меси, но да се освојат толку трофеи е нешто неверојатно, тешко достижно. Ако некој заслужува да оствари такво нешто во Барселона тогаш тоа е Меси и јас се надевам дека тој нема да застане тука – изјави по мечот тренерот на Каталонците, Ернесто Валверде.


Роналдо, Салах и Меси во конкуренција за најдобар напаѓач во ЛШ

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави номинациите за најдобар тим, по сите позиции (по тројца фудбалери), во Лигата на шампионите во минатата сезона 2017/2018.
Меѓу напаѓачите се Кристијано Роналдо од Јувентус, Мохамед Салах од Ливерпул и Лионел Меси од Барселона. Роналдо, кој лани со Реал Мадрид ја освои третата титула првак на Европа, постигна вкупно 15 гола, Салах на патот до финалето со Ливерпул даде 10 гола, плус четири асистенции, а Меси шест пати се запиша во листата на стрелците.
За најдобри одбранбени играчи во конкуренција се тројката од Реал, Серхио Рамос, Марсело и Рафаел Варан. Во средниот ред се Лука Мордиќ и Тони Крос од Реал и Кевин де Брујне од Манчестер сити. Меѓу голманите се Алисон од Рома, сега во Ливерпул, Кејлор Навас од Реал и Џанлуиџи Буфон од Јувентус/ ПСЖ.
Добитниците на признанијата ќе бидат познати на 30 август во Монако, на ждребувањето за составот на групите за Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2018/2019.
За номинираните гласаа 32 тренери/менаџери на клубовите што учествуваа во ЛШ, како и 55 новинари од Европа.