На мечот против Фулам (3-0), Алиоски го постигна вториот гол, по што Лидс е на врвот во дивизијата Чемпионшип, со три бода повеќе од ВБА и осум од Брентфорд. Првите две места на табелата носат пласман во Премиер-лигата

Лидс е на врвот на табелата на фудбалската дивизија Чемпионшип во Англија, со 74 бода, три повеќе од Вест Бромвич албион на втората позиција и осум повеќе од третопласираниот Брентфорд, на седум натпревари до крајот на сезоната.
Првите две места на табелата носат автоматски пласман во Премиер-лигата. Лидс, за коj настапува македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски, на четирите домашни натпревари (вечерва го пречекува претпоследниот Лутон) треба да игра против екипи што се борат за опстанок во лигата.
Во саботата Лидс го совлада Фулам со 3-0 на празниот стадион „Иланд роуд“, а стрелец на клучниот, втор гол во 56. минута беше Алиоски, кој влезе во игра во второто полувреме.

Со тој триумф Лидс се рехабилитира за поразот од Кардиф (0-2) во претходната рунда, на првиот натпревар од продолжението на сезоната во втората по квалитет фудбалска лига на Англија.
– Треба да заборавиме колку бодови предност имаме, треба да размислуваме од натпревар до натпревар. Нема што да славиме, не смееме да мислиме на осумте бода предност. Убаво е што ги имаме, но мора да останеме фокусирани – изјави Алиоски за клупската интернет-страница.
Алиоски сезонава во дивизијата Чемпионшип постигна пет гола, а има и три асистенции.