Само Барселона и Баерн, кои се среќаваат в петок, досега биле прваци, додека ПСЖ, Атлетико, Манчестер сити, Лајпциг, Лион и Аталанта имаат шанса првпат да го освојат пехарот наменет за шампионот на Европа

Само со два тима поранешни шампиони, Барселона и Баерн, без Кристијано Роналдо и Јувентус и без навивачи, неделава во Лисабон продолжува Лигата на шампионите (ЛШ), со завршниот фајналејт-турнир, со интригантна перспектива дека новиот формат може да даде нов првак и ново име на трофејот, објави „Агенцијата Франс прес“ (АФП).
Само еден тим, Барселона или Баерн, кои се со по пет европски трофеи, ќе се пласира во полуфиналето, бидејќи играат меѓу себе во четврт-финалето, в петок. На Барселона очајно ѝ е потребен поголем европски успех пред Лионел Меси, кој во јуни наполни 33 години, да се пензионира. Баерн предводен од Роберт Левандовски е во голем налет и во форма што ветува возбудлив натпревар и покрај недостигот од навивачи на празните трибини. Но, којзнае, можеби овој пат славата ќе му припадне на некој нов клуб. Манчестер сити и Пари Сен Жермен имаат причини да веруваат дека ова ќе биде година во која ќе бидат наградени за деценија на декаденција и покрај големите пари што ги вложија нивните богати сопственици од Заливот.

– Големите клубови освојуваат титули – изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, откако неговиот тим го исфрли Реал во осминафиналната рунда.
Можеби Атлетико, кој го загуби финалето во Лисабон 2014 година од Реал, конечно ќе го направи завршниот чекор под Диего Симеоне или, пак, ќе има сензационален победник во Лајпциг, Аталанта или Лион. Најмали шанси ѝ се даваат на Аталанта, но би била извонредна спортска приказна доколку го освои трофејот на првиот настап во ЛШ по големото страдање на Бергамо за време на пандемијата на коронавирусот, истакнува АФП.
Но сенката на коронавирусот повторно се надвисна над фудбалот откако беше објавено дека две лица од Атлетико биле позитивни на ковид-19. Од клубот потврдија дека тие се во самоизолација во нивните домови, но не открија дали станува збор за играчи или за лица од клупскиот персонал.

Натпреварите во ЛШ продолжија минатиот петок по петмесечна пауза поради пандемијата. Финалето, кое требаше да се одигра во Истанбул кон крајот на мај, беше одложено. Патните ограничувања и немањето време за да се заврши сезоната значеше играње натпревари на исто место со по еден натпревар од четврт-финалето до финалето.
Тоа сценарио стана малку покомплицирано по објавувањето на веста од Мадрид. Атлетико повторно ќе ги тестира сите играчи и персоналот што значи дека веројатно ќе го одложи планираното заминување за Лисабон, пред мечот со Лајпциг в четврток.
Во најнеобичната завршница на ЛШ ќе ги нема Реал, победникот на четири од последните шест изданија, сѐ уште актуелниот првак, Ливерпул, како и Јувентус со Роналдо, сега на 35 години, најдобриот стрелец во ова натпреварување, кој посакуваше повторно да триумфира во Лисабон, каде што ја започна кариерата во Спортинг.

Но во негово отсуство, Меси, Левандовски или Килијан Мбапе, Нејмар, Кевин де Брујне, ќе го кренат победничкиот пехар во Лисабон, за жал, на празен стадион. Навивачите последниве месеци се навикнаа да гледаат фудбал на телевизија, додека натпреварите се играат зад затворени врати. Сепак и тоа е подобро отколку воопшто да не се игра фудбал, бидејќи Европа продолжува да се бори со пандемијата, а бројката на новозаразени повторно е во пораст по краткиот период на релативно смирување.