Тоа е навистина непредвидливо натпреварување, но и едно од најатрактивните во светот. Нема ништо подобро од тоа да си дел од ЛШ. Кога размислуваме за ова натпреварување, секогаш велиме дека ги имаме одговорноста и притисокот, но, исто така, ние сме тие што имаат шанса да бидат дел од историјата, да го доживеат ова искуство и затоа ќе уживаме во тоа. Има тесна врска со Меси, двајцата сме Аргентинци, навиваме за Њуел и потекнуваме од Розарио. Долго време му се восхитував кога се соочував со него како противник, а сега кога го имам во тимот е навистина убаво. Се надевам дека заедно ќе успееме да го постигнеме она што го посакува клубот, вели Почетино

МАУРИЦИО ПОЧЕТИНО, ТРЕНЕР НА ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН

Аргентинецот Маурицио Почетино, тренерот на Пари сен Жермен, кој ја презеде функцијата во јануари 2021 година и потоа стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите, во кое загуби од Манчестер сити, за интернет-страницата на Европската фудбалска унија говори за летните засилувања на неговата екипа. Притисокот е врз Почетино (49), поранешниот менаџер на Тотенхем, но Аргентинецот, кој помина две години во Париз како играч во 2000-тите години, при претставувањето на своите нови играчи вели дека е подготвен за големиот предизвик.
За Лионел Меси: Можеби не сум најсоодветната личност за да го опишам. Има многу луѓе што имаат поширок вокабулар за да го опишат пореално, како што заслужува Лео. Тој секогаш ќе се смета за еден од најдобрите на светот. Откако пристигна се адаптира многу брзо, тренираше многу добро, обидувајќи се што е можно поскоро да го достигне своето највисоко ниво и да игра најдобро што може. Мислев дека не е можно да потпише за нас, но кога се појави таа можност, сѐ се заврши многу брзо, и не можев веднаш да го обработам сето тоа. Постои тесна врска со Меси, двајцата сме Аргентинци, двајцата навиваме за Њуел (Олд бојс) и двајцата потекнуваме од Розарио. Долго време му се восхитував кога се соочував со него како противник, така што сега кога го имам во тимот е навистина убаво. Се надевам дека заедно ќе успееме да го постигнеме она што го посакува клубот.
За Серхио Рамос: Тој, исто така, е играч за кого мислиме дека може, со оглед на способностите, да ги пренесе своето искуство и натпреварувачкиот дух. Тој, како и Лео, е играч што има освоено сѐ. Добро е да го имаме во клубот за да го сподели искуството стекнато во Реал Мадрид со соиграчите.
За Џорџинио Вајналдум: Тој беше капитен на холандската репрезентација, освои сѐ во Ливерпул, но му останува уште многу фудбал за играње. Може да игра на неколку позиции без да загуби на квалитет, ја разбира играта и има одличен баланс во однос на техниката и на физичката сила.

За Џанлуиџи Донарума: Тој со Италија стана европски првак и беше прогласен за најдобар играч на првенството. Мислам дека неговиот профил како голман, како и неговата возраст го прават еден од најдобрите голмани во светот.
За Ашраф Хакими: Тој е млад играч кого го следам уште кога бев во Тотенхем, кога бевме блиску да го ангажираме, но потоа тој отиде во Борусија Дортмунд. Има голем капацитет за трчање, неговиот физички потенцијал е огромен. Одличен е во дефанзива, но има голем придонес и во нападот.
За Лигата на шампионите: Тоа е навистина непредвидливо натпреварување, но и едно од најатрактивните во светот. Сепак, треба да имате среќа за да триумфирате во него. Сите тимови што учествуваат во Лигата на шампионите (ЛШ) се силни и во цела Европа клубовите многу инвестираа за да победат. Нема ништо подобро од тоа да си дел од ЛШ. Кога размислуваме за ова натпреварување, секогаш велиме дека ги имаме одговорноста и притисокот, но, исто така, ние сме тие што имаат шанса да бидат дел од историјата, да го доживеат ова искуство и затоа ние ќе уживаме во тоа.


Почитта е клучниот збор

Маурицио Почетино за создавањето тим: Сметаме дека сите играчи можат да бидат компатибилни и дека можеме да создадеме навистина добра група со која може успешно да се работи. Група во која почитта е клучниот збор. Имаме група во која повеќето играчи заслужуваат да бидат стартери, но, за жал, само 11 можат да го почнат мечот. Оние што не играат ќе треба да го поддржат тимот, напорно да тренираат за да можат да го одиграат следниот натпревар и да покажат дека се на завидно натпреварувачко ниво.