Фото: Игор Бансколиев

Вкупната телевизиска публика во живо се зголеми за 30 проценти во споредба со инаугуративниот турнир на Лигата на нациите во 2019 година. Турнирот за трофејот можеше да се гледа во повеќе од 200 земји и територии низ целиот свет, имаше проценета кумулативна публика во живо од 130 милиони и се проценува дека имал досег до повеќе од 200 милиони, пишува УЕФА

ФУДБАЛ

Неодамнешниот турнир за трофејот во Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА) во Италија донесе одлични акции на теренот, при што сите четири натпревари беа решени со еден гол разлика, а Франција ја победи Шпанија во финалето и првпат го освои ова натпреварување.
Турнирот, на кој учествуваа и Италија и Белгија, покажа значителен успех и надвор од теренот, па стана најгледаното издание на турнирот досега. Вкупната телевизиска публика во живо се зголеми за 30 проценти во споредба со инаугуративниот турнир на Лигата на нациите во Португалија, во јуни 2019 година.
Турнирот можеше да се гледа во повеќе од 200 земји и територии низ целиот свет, при што над 80 радиодифузери ја прикажаа драмата на терените. Имаше проценета кумулативна публика во живо од 130 милиони и се проценува дека имал досег до повеќе од 200 милиони, пишува УЕФА.
Влијанието на турнирот беше јасно и кај дигиталните платформи, со над 230 милиони глобални социјални интеракции. На платформите на УЕФА за социјални медиуми беа регистрирани околу 353 милиони прикажувања (зголемување од 28 отсто во однос на претходното издание) во текот на неделата на финалето, меѓуплатформските ангажмани повеќе од двојно се зголемија од 9,4 на 19,2 милиони, а прегледите на видеата се зголемија на 78 милиони од 28 милиони.
– Турнирот е од огромна важност за европскиот фудбал и покажа дека обезбедува натпревари од светска класа и за публика во живо и за ТВ. Лигата на нациите беше дизајнирана да создаде конкурентни натпревари на секое ниво на фудбалски репрезентации и, според интересот, особено во четирите земји што учествуваа на завршниот турнир, го направи токму тоа – вели Гај-Лоран Епстајн, маркетинг-директор на УЕФА.
Ждрепката за третата сезона на Лигата на нациите на УЕФА треба да се влече на 16 декември 2021 година, во Монтре, Швајцарија.