Во финалето на Лигата на шампионите во Мадрид, Ливерпул го совлада дебитантот во финалињата, Тотенхем, со 2-0

Ливерпул е новиот фудбалски првак на Европа, шести пат во клупската историја (претходно и во 1977, 1978, 1981, 1984 и во 2005 година). Во сеанглиското финале во Лигата на шампионите (ЛШ) што се одигра на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, Ливерпул го совлада Тотенхем со 2-0, со головите на Мохамед Салах (15-ти во ЛШ во кариерата) во втората минута од пенал и на Дивок Ориги во 87-та минута.
За Ливерпул ова беше шести трофеј од вкупно деветте финалиња во ЛШ (порано Куп на шампионите). Црвените имаат двојно повеќе трофеи во оваа конкуренција од вториот најуспешен англиски тим, Манчестер јунајтед, а еден помалку од Милан (седум). Најуспешен е Реал Мадрид со 13 титули првак на Европа.

Тотенхем во првото европско финале во клупската историја како осми англиски клуб остана со празни раце и ќе мора да причека за следна шанса. Ако им е за некаква утеха, шесте последни клуба што првпат играа европско финале ги губеа тие натпревари, почнувајќи од Валенсија во 2000 година, па Баер во 2002-ра, Монако во 2004-та, Арсенал во 2006-та, до Челси во 2008 година.

За Ливерпул, кој лани беше поразен во финалето од Реал Мадрид, а сезонава заостана само еден бод зад Манчестер сити во Премиер-лигата, освојувајќи неверојатни 97 бода, притоа загуби само еден меч, ова беше најдобар можен начин да се заврши сезоната.

Германецот Јирген Клоп, пак, кој ги загуби последните шест финалиња, по три со Борусија Дортмунд и со Ливерпул (од тоа два во ЛШ, по еден со двата клуба), го скрши малерот и се запиша во клупската историја како четврти менаџер што станал првак на Европа. Претходно тоа им успеа на Боб Пејсли (1977, 1978 и 1981), на Џое Феган (1984) и на Рафаел Бенитез (2005).

– Ова е најдобрата вечер во нашите професионални животи. Пресреќен сум поради момчињата, сиве овие луѓе, поради моето семејство. Тие страдаа многу за мене, тие го заслужуваат ова повеќе од кој било друг. Последните шест пати кога заминувавме на одмор јас одев со утешен, сребрен медал, сега е поинаку. Во моментов чувството на олеснување е над сите други. Не можам да објаснувам зошто и како победивме, сакам да уживам во триумфот. Вообичаено дваесетина минути по ваквите мечеви јас сум наполу пијан, но сега пијам само вода. Едвај чекам да се вратиме во Ливерпул и да го продолжиме славењето – изјави по мечот Клоп, кој е 17-от тренер европски шампион.

Клоп е и петтиот Германец, тренер-освојувач на титулата првак на Европа, по Детмар Крамер, Јуп Хејнкес, Отмар Хицфилд и Удо Латек, и втор што ја освојува титулата со негермански тим (Хејнкес со Реал Мадрид).

Што се однесува до натпреварот, кога станува збор за квалитетот и за возбудувањата, тој беше далеку од класика и многу брзо ќе се заборави. Ќе се памети победникот, како и тоа дека е прво финале во ЛШ на кое судијата, Дамир Скомина од Словенија, не покажа жолт или црвен картон, па и по тоа дека победникот, Ливерпул, е првиот тим по Интер во 2010-та, предводен од Жозе Мурињо, што имал помал посед на топката (35,4 отсто). 

Прв триумф и за Јирген Клоп

Ван Дајк повика да се продолжи со напорна работа и со скромност

Центархалфот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк го доби признанието за најдобар фудбалер на финалниот натпревар во Лигата на шампионите, што го доделуваат техничките набљудувачи на УЕФА на чело со Томас Шаф, Дејвид Мојес, Раул Гонзалес, Герет Саутгејт, Роберто Мартинез итн.
– Во второто полувреме малку се повлековме и дозволивме да ни направат притисок, но генерално мислам дека сме заслужени победници на ЛШ. Јирген Клоп е фантастичен менаџер и прекрасно човечко суштество. Навистина сум горд што играм за овој прекрасен клуб, тоа е неверојатна средина. Сите сме амбициозни и сите сакаме да имаме уште вакви ноќи. Ајде да продолжиме така – да работиме напорно и да останеме скромни – изјави Ван Дајк.


Голот на Салах е втор најбрз во финале на ЛШ

Мохамед Салах, вториот најдобар стрелец на Ливерпул во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) со 15 гола (најефикасен е Стивен Џерард со 21), стана петтиот африкански фудбалер што постигнал гол во финале на ЛШ, по Рабах Маџер, Самуел Ето, Дидие Дрогба и Садио Мане.
Голот на Салах беше вториот најбрз гол во финале на ЛШ (1,48 минута). Побрз гол беше оној на Паоло Малдини (50 секунда) за Милан против Ливерпул во 2005 година.


Ориги сезонава постигна три гола од три шута

Дивок Ориги е вториот белгиски играч што постигнува гол во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по Јаник Караско за Атлетико против Реал во 2016 година. Ориги постигна три гола од трите удари во ЛШ сезонава.
Младиот бек на Ливерпул, Трент Александар-Арнолд (20 години и 237 дена) е првиот на возраст под 21 година што бил стартер на две финалиња по ред во ЛШ.
Триумфот на Ливерпул е вкупно 13-ти за англиските клубови во ЛШ. Најуспешни се шпанските со 18 титули (13 на Реал и пет на Барселона), а италијанските имаат освоено 12 европски титули.


ДОСЕГАШНИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ
Реал Мадрид 13
Милан 7 Ливерпул 6 Баерн 5 Барселона 5
Ајакс 4 Манчестер ј. 3 Интер 3 Бенфика 2 Нотингем ф. 2 Јувентус 2 Порто 2 Селтик 1 Феенорд 1 Астон Вила 1 Хамбургер 1 Стеауа 1 ПСВ 1
Ц. звезда 1
Марсеј 1
Борусија Д. 1
Челси 1