Ливерпул на гости го победи Вулверхемптон буквално во последниот напад на натпреварот, во судиското продолжение, во 94-та минута, со голот на Ориги. За Ливерпул тоа беше 39-ти победнички гол постигнат во или по 90-та минута во Премиер-лигата, 13 повеќе од која било друга екипа

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Дивок Ориги го постигна победничкиот гол за Ливерпул на гости против Вулверхемптон (1-0) во мечот од англиската фудбалска Премиер-лига, буквално во последниот напад на натпреварот, во судиското продолжение, во 94-та минута. Ниту еден играч нема постигнато повеќе голови во Премиер-лигата од Ориги (10-ти) по влегување во игра од клупата за резерви.
– Дивок Ориги, легенда. Тој е неверојатен фудбалер. Тој веќе постигна некои од најважните голови во историјата на овој клуб. За да се најде во вакви ситуации не му требаат многу минути и натпревари. Вакви негови голови често гледаме на тренинзите – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
За Ливерпул тоа беше 39-ти победнички гол постигнат во или по 90-та минута во Премиер-лигата, 13 повеќе од која било друга екипа. „Црвените“ не успеаја да постигнат два или повеќе гола на 19-от меч во низа во сите конкуренции (14 на минатите четири меча), но, сепак, со голот на Ориги ја продолжија серијата постигнување барем еден гол, која почна во април годинава и мечот без голови со Реал Мадрид во Лигата на шампионите.
Во 15-то коло во Премиер-лигата првата победа ја забележа Њукасл, над Барнли, со 1-0, прва за новиот менаџер Еди Хау. „Свраките“ сега се на претпоследната, 19-та позиција на табелата со 10 бода, колку што имаат последниот Норич и Барнли, кој е 18-ти. Њукасл ја забележа првата победа по 16 натпревари во сите натпреварувања, откако на претходните 15 загуби седум и осум пати одигра нерешено. За Њукасл ова беше само втор натпревар без примен гол на 16-те во сите натпреварувања, и тоа на двата меча дома со Барнли (исто така 0-0 во август во Лига-купот).

Вест хем го совлада Челси во лондонското дерби со 3-2, иако двапати беше во негатива, 0-1 и 1-2. Победничкиот гол за „чеканите“ во 87. минута беше необичен, бидејќи непрецизниот центаршут на Артур Масуаку го изненади голманот на Челси, Едуард Менди, и заврши во неговата мрежа. За Вест хем ова беше четврта победа на претходните седум дуела дома во Премиер-лигата со Челси (плус едно реми и два пораза), откако претходно победи само еднаш на деветте меча против „сините“ дома (едно реми и седум порази). За Челси, пак, кој на минатите 14 меча прими само шест гола, ова беше втор пораз сезонава, со што заврши серијата од осум средби без пораз во Премиер-лигата. Ова беше и прв пораз на Челси во лигата по водство по првото полувреме, од декември 2018 година против Вулверхемптон, тогаш со Маурицио Сари како менаџер, и по 48 натпревари. Во 53-от натпревар под водство на менаџерот Томас Тухел во сите натпреварувања, Челси третпат прими повеќе од еден гол. Тоа претходно им се случи на мечевите против ВБА во април (2-5) и со Астон вила во мај (1-2).
– Направивме многу големи грешки на овој меч, требаше повеќе да внимаваме на деталите. Нема потреба сега да поставуваме големи прашања или да почнеме да се сомневаме во големата слика, овој натпревар со Вест хем е за деталите. Без тие големи грешки, имавме големи шанси да го добиеме натпреварот. Примивме лесни голови, што е невообичаено. Големите грешки водат до големи шанси и до лесни голови – изјави Тухел по мечот.