Ливерпул е во „невозможна мисија“, бидејќи откако се игра ЛШ ниту еден тим не успеал да надомести негатива од три гола и да се пласира во финалето. Ливерпул во минатото неколкупати успевал да се вади од речиси загубени ситуации

Ливерпул има речиси недостижна негатива по поразот во првиот полуфинален меч против Барселона во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ), на гости (0-3), но вечерва сонува за нова, „незаборавна ноќ на Енфилд“ и за чудо, односно за елиминација на тимот од Каталонија. Ливерпул во минатото неколкупати успевал да се вади од речиси загубени ситуации, последен пат пред две години против Борусија Дортмунд во Лига Европа (ЛЕ) и во она незаборавно финале на ЛШ 2005 против Милан (иако во Истанбул), кога на полувремето губеше со 0-3, а потоа израмни и победи на пенали. Инспирација може да им биде и Рома, која лани во четврт-финалето загуби на „Ноу камп“ со 1-4, но во реваншот славеше со 3-0.

Но се чини дека вечерашниот тест ќе биде најтежок од сите за Ливерпул, како според негативата, така и поради квалитетот на каталонскиот тим предводен од веројатно најдобриот фудбалер на планетата, Лионел Меси, кој постигна два гола на првиот меч.
За тоа дека Ливерпул е во „невозможна мисија“ сведочи и статистиката, која вели дека во историјата на полуфиналињата откако се игра ЛШ ниту еден тим не успеал да надомести негатива од три гола. Во подалечното минато, пред 33 години, во сезоната 1985/1986 во тогашниот Куп на шампионите, Барселона во првиот меч во Гетеборг загуби со 0-3. Во вториот меч врати со 3-0, потоа да победи на пенали со 5-4.

Ливерпул игра одлично дома, на 10 полуфинални дуели забележа осум победи и две ремија, примајќи притоа само четири гола. Црвените не знаат за пораз на „Енфилд“ на 21 европски меч во низа (15 победи и шест ремија), од октомври 2014-та и поразот од Реал (0-3).