Во финалето во Доха, Катар, Ливерпул го совлада бразилскиот Фламенго со 1-0, со голот на Бразилецот Фирмино

Ливерпул е светски клупски фудбалски првак, по првпат во клупската историја. Во финалето во Доха, Катар, актуелниот европски шампион и освојувач на Суперкупот на УЕФА, Ливерпул, го совлада бразилскиот Фламенго, првакот на Јужна Америка, со 1-0. Бразилецот Роберто Фирмино им ги скрши срцата на своите сонародници постигнувајќи го решавачкиот гол во 99 минута. Фирмино беше стрелец и на победоносниот гол на полуфиналниот меч против мексиканскиот Монтереј, 2-1.
Ливерпул, кој е вториот англиски тим светски првак (по Манчестер јунајтед во 2008-та) успеа и да му се реваншира на Фламенго за поразот во финалето на тогашниот Интерконтинентален куп во 1981 година, во Токио (0-3). Ливерпул ги загуби и следните две финалиња, во 1984 и во 2005-та, но, ете, дочека да ја освои првата светска титула.

– Мислам дека ја заслуживме победата, бидејќи бевме подобри. Пред натпреварот реков дека не знам точно како би се чувствувал ако го освоиме пехарот, но сега можам да кажам дека чувството е извонредно. Горд сум на момчињата, не можеше да биде подобро. Сите сме исцрпени, ова беше многу тежок натпревар, против добар противник. Ова е прекрасна ноќ за нас, за клубот, за сите што се со нас – изјави по мечот менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
Ливерпул е првиот англиски тим што во иста година триумфира во ЛШ, во јуни (над Тотенхем, 2-0), во Суперкупот на УЕФА, во август (над Челси, 2-2, 5-4, на пенали), и на клупското СП.

– Годинава беше фантастична за нас. Но нема да се задоволиме со тоа, ќе продолжиме да се бориме за нови победи и за нови трофеи – изјави центархалфот Вирџил ван Дајк.
Во 127-годишната историја, Ливерпул, покрај првата титула светски првак, има освоено шест титули првак на Европа, три купа на УЕФА, четири суперкупа на УЕФА, 18 титули првак на Англија, седум ФА-купа, осум лига-купа итн.