По четири кола во групите А, Б, Ц и Д, само Барселона обезбеди пласман во осминафиналето, на еден бод до тој успех се Борусија и Атлетико, а групата Ц остана најизрамнета, само со два бода разлика од првиот до четвртиот тим

Барселона прва по четири кола обезбеди пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, меѓу 32-те екипи-учеснички. Шпанскиот фудбалски гигант ремизира 1-1 на гости кај Интер и со 10 бода веќе е недостижен за барем две екипи во групата и со тоа го обезбеди најмалку второто место во групата Б, во која Интер е втор со седум бода, Тотенхем е трет со четири, а ПСВ Ајндховен е четврти со еден бод.

Од другите тимови на еден бод до пласман понатаму се Борусија Дортмунд и Атлетико од групата А, како и Порто во групата Д.

Најизрамнета група од сите осум е групата Ц, која и пред почетокот на сезоната беше оценета како најтешка. Таму водат Наполи и Ливерпул, со по шест бода, потоа следуваат Пари сен Жермен со пет и дебитантот Црвена звезда со четири. Српскиот првак во вторникот го направи најголемото изненадување, совладувајќи го актуелниот европски вицешампион Ливерпул во Белград, со 2-0.

Тоа беше 10-ти меч од претходните 15 на Црвена звезда без примен гол дома во меч од европските купови. Ливерпул, пак, првпат загуби три меча по ред на гости во ЛШ (претходно од Наполи со 0-1 сезонава, а потоа и лани од Рома во полуфиналето со 2-4). На мечот во Белград првиот удар во рамките на голот Ливерпул го имаше во 71. минута, и тоа беше првиот таков шут на гости сезонава (англискиот тим немаше ниту еден удар во голот на гостувањето кај Наполи во 2. коло сезонава).

Во вториот меч од таа група Наполи дома ремизира со ПСЖ, 1-1, па сега сите четири тима имаат шанси за пласман во осминафиналето, оти разликата од првиот до четвртиот тим е само два бода. Во следното коло се среќаваат Наполи – Ц. звезда и ПСЖ – Ливерпул.

Од групите А, Б, Ц и Д, Монако, ПСВ и Локомотив имаат шанси само уште за пласман во Лига Европа сезонава (трето место во групите во ЛШ). Синоќа се комплетира четвртото коло со дуелите во групите Е, Ф, Г и Х.


ЕСПН: Што ќе биде фудбалот без ноќи како оваа?

Што ќе биде фудбалот без ноќи како оваа, се прашува американската ТВ ЕСПН, по победата на дебитантот Црвена звезда над европскиот вицешампион Ливерпул со 2-0, во 4-то коло на Лигата на шампионите.
„Во неделата кога доминираа шпекулациите за идејата за формирање европска суперлига, српскиот првак покажа енергична демонстрација на сѐ што спортот не смее да си дозволи да загуби, како и тоа дека вреди да се борите за душата на фудбалот“, пишува, меѓу другото, во статијата на интернет-страницата на ЕСПН, со наслов: „Изненадувањето на Црвена звезда против Ливерпул е потсетник за она што фудбалот би го загубил со суперлигата“.