На 15 април 1989 година на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, загинаа 96 деца, жени и мажи, навивачи на Ливерпул во најголемата несреќа во спортската историја на Англија

На денешен датум, 15 април, се навршуваат 30 години од трагедијата што го зави во црно градот Ливерпул. На 15 април 1989 година на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, загинаа 96 деца, жени и мажи, навивачи на Ливерпул (38 од нив помлади од 19 години), а 766 беа повредени, во најголемата несреќа во спортската историја на Англија. За тој ден беше закажан полуфиналниот натпревар во ФА-купот, Ливерпул – Нотингем форест на стадионот на Шефилд вензди со капацитет од 39.000 гледачи, на кој кобниот ден имаше повеќе од 50.000 гледачи.

До трагедијата дошло по серијата фатални грешки на одговорните за безбедноста на навивачите, а катастрофата започнала откако навивачите на Ливерпул на триесетина минути до почетокот на мечот тргнале кон стадионот, кон својот дел, кон трибината „Лепингс лејн“. Пред стадионот и при влегувањето настанала голема мешаница, се создало и тесно грло, а полицијата ја изгубила контролата врз толпата. Тогаш е направена една од фаталните грешки, била отворена една од вратите кон трибината, без полицијата да обезбеди каков-таков ред. Навалицата од навивачи почнала да ги притиска тие што биле внатре, кои биле притиснати до оградата и буквално згмечени не успевале да се искачат преку оградата и да влезат на теренот.

Потоа во општата конфузија од 44-те амбуланти автомобили што пристигнале на помош само на еден му било дозволено да влезе на стадионот. Епилогот од таквата некоординираност е дека само 14 од 96-те фатално повредени лица биле пренесени во болница. Полицијата на Јужен Јоркшир ќе ги обвини навивачите на Ливерпул дека самите се виновни за трагедијата, тврдејќи дека биле пијани, насилни и оти не соработувале.

По несреќата, британската влада формира комисија, која требаше да ги испита причините за несреќата. Во извештајот на лордот Тејлор од 1990 година се наведува дека причината за трагедијата е лошата полициска контрола. Сепак, следната година било одлучено дека нема доволно докази за да се започне истрага против надлежните полициски службеници.

По неуморната кампања предводена од ужалените семејства и преживеаните, во 2012 година Високиот суд ги укина оригиналните пресуди за смртните случаи и нареди нова истрага, најдолга во британската правна историја. Во 2016 година истрагата ќе ги отфрли обвинувањата и навивачите ќе ги ослободи од вина, откривајќи дека тие не се однесувале недолично и на начин што би предизвикал или што би придонел за опасната ситуација на трибината. 

Катастрофата го смени британскиот фудбал

Катастрофата на „Хилсборо“ од корен го промени британскиот фудбал. Смртта на навивачите ги увери властите за недостатоците на фудбалските стадиони. Во наодите од истрагата на лордот Тејлор, покрај другите работи, било препорачано на поголемите стадиони во Британија сите места да бидат за седење што било сторено до август 1994 година. Високите огради подигнати како одговор на инвазијата на терените во 1970-тите и 1980-тите, исто така исчезнаа.
Пред Хилсборо беше легално да се продаде или да се набави билет за фудбалски меч од втора рака, но, од 1994-та тоа беше забрането. Последниве години клубовите им дозволуваат на навивачите да ги вратат или да им ги пренесат на други лица билетите што немаат намера да ги искористат, но сепак уште многу билети завршуваат на црниот пазар.
Со овие мерки, Владата му стави крај на хулиганизмот на англиските стадиони, но тие активностите ги префрлија во странство, што кулминира на СП 1998 во Франција, и нередите пред мечот Англија – Тунис во Марсеј. Следната 1999-та следуваше одговорот на Владата дека секој осуден за хулиганизам во Британија или во странство не може да присуствува на мечеви во земјата и надвор од неа кога играат англиски клубови или нивната репрезентација.


Градот ќе замолкне во 15.06 часот

По повод 30-годишнината од трагедијата, Ливерпул ќе замолкне денеска во 15.06 часот. Ќе биде запрен јавниот транспорт, тунелите ќе бидат затворени, фериботите што сообраќаат по каналот Мерси ќе ги исклучат сирените… Градските власти попладнево ќе организираат и специјална комеморација во чест на 96 загинати, со пригодни говори и програма, а знамињата на поважните градски институции ќе бидат спуштени на половина копје. Во англиканската катедрала, ќе се одржи и пригодна миса, а во 15.06 часот со едноминутно молчење ќе им се оддаде почит на загинатите.
Фудбалскиот клуб Ливерпул реши годинава да не одржува јавна комеморација на стадионот „Енфилд“, но затоа денеска ќе го отвори познатиот „Коп“, помеѓу 13 и 16 часот, за оние што ќе сакаат на тој начин да се потсетат на настраданите.