Ливерпул го совлада Саутемптон со 3-0 и ја забележа шестата победа на исто толку натпревари во новата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига (плус една во Лигата на шампионите) што е најдобар почеток за „црвените“ по сезоната 1990/91. Претходно Ливерпул имаше ист ефект и во сезоната 1978/79 кога ја освои шампионската титула под водство на најуспешниот менаџер во клупската историја, Боб Пејсли. Во сезоната 1990/91, пак, кога Ливерпул победи на 10 меча во низа (осум првенствени), на крајот беше втор во шампионатот (тогаш менаџер беше Кени Далглиш, кој поднесе оставка во февруари 1991-та, четири месеци пред крајот на првенството).

Со триумфот над Саутемптон, Ливерпул ја продолжи и серијата непобедливост на стадионот „Енфилд“ на 24 меча (16 победи и осум ремија), најдобар ефект по август 1990-та (тогаш 31 меч без пораз). Триумфот над Саутемптон беше осми во низа и со 751 минута без примен гол на домашен терен, најдолга серија по сезоната 2006/2007 (последниот гол го постигна Вест Хем во февруари 2018-та).

Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, кој дојде на оваа функција пред три години, по 600-ти пат предводеше тим на првенствен натпревар (скор од 296 победи, 158 ремија и 146 порази).

– Искрено, не очекував ваков почеток и по малку сум изненаден. Еднаш во кариерата загубив седум меча во низа, чувството, јасно, е поинакво, но потоа во осмиот меч победивме со 5-0. Во добра форма сме, победуваме, но во продолжението од сезоната ќе биде сѐ потешко и потешко. Не размислувам премногу далеку, концентриран сум само на следниот меч, потоа доаѓа следниот. Сигурен сум дека сите сме подготвени за искушенијата што ни претстојат – изјави по мечот Клоп.

Избраници на Клоп во следните 11 дена прво го пречекуваат Челси во Карабао-купот, в среда, потоа в сабота му гостуваат на Челси во осмата премиерлигашка рунда, па му гостуваат на Наполи во Лигата на шампионите (ЛШ) следната среда, и на 7 октомври на „Енфилд“ играат против првакот Манчестер сити.

Египќанецот Мохамед Салах, играчот на сезоната и најефикасниот со 32 гола лани, стрелецот на третиот гол против Саутемптон, сезонава уште не е во врвна форма. Но и покрај тоа ќе остане забележано дека на 31 меч на „Енфилд“ беше инволвиран во постигнувањето на 41 гол (30 гола, плус 11 асистенции).