Тренерот за изведување аути, Гронемарк (десно) во Ливерпул пристигна од Митјиланд

Клоп неодамна изјави дека Митјиланд „со години е еден од најинтересните тимови“, кога станува збор за некои работи што им се заеднички на двата клуба, пред сѐ користењето аналитички и други метрички податоци при ангажирањето играчи

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ливерпул, европскиот првак од 2019 година, во 2-то коло од новата сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) го пречекува аутсајдерот на хартија, данскиот првак Митјиланд, за кого менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, неодамна изјави дека „со години тоа е еден од најинтересните тимови“. Оваа забелешка на Клоп се однесува на некои работи што им се заеднички на двата клуба. Пред сѐ, тоа се однесува на користењето аналитички и други метрички податоци при ангажирањето играчи, како и за унапредувањето на играта, на индивидуален и на колективен план.
Фокусот на Митјиланд е на изведувањето аути и на нафрлените топки по прекините на играта. „Експертот“ за изведување аути, Томас Гронемарк, кој сега е во Ливерпул, порано работеше во данскиот клуб. Митјиланд загуби убедливо од Аталанта (0-4), минатата недела, но сега ќе се обиде да го изненади Ливерпул, особено со нафрлените топки при прекините, и да го искористи отсуството на повредениот центархалф, Вирџил ван Дајк.

Бранителот на титулата Баерн му гостува на Локомотив и едно од прашањата што си го поставуваат многумина е дали тимот од Москва ќе успее да ги запре Баварците да ја забележат 13-та победа во низа (лани 11, сезонава една) во ЛШ. Најтрофејниот со 13 титули, Реал Мадрид, кој во 1-то коло дома претрпе неочекуван пораз од резервниот состав на Шахтар (2-3), вечерва ѝ гостува на германската Борусија Менхенгладбах.