Ливерпул ја забележа 24-та победа во 25-то коло од англиската фудбалска Премиер-лига (има само едно реми сезонава), совладувајќи го Саутемптон на стадионот „Енфилд“ со 4-0.

„Црвените“ се на врвот на табелата со 73 бода, дури 22 повеќе од Манчестер сити, кој синоќа му гостуваше на Тотенхем, што е најголема предност за кој било тим во историјата на англискиот врвен фудбал.
Ливерпул го израмни рекордот на Манчестер сити од 20 последователни победи во Премиер-лигата на домашен терен, остварени од март 2011 до март 2012-та.
Во историјата на англискиот врвен клупски фудбал само тимот на Ливерпул, предводен од легендарниот менаџер Бил Шенкли во 1972 година (од јануари до декември), забележал повеќе победи дома, 21.

Актуелниот европски првак е непоразен на 42 премиерлигашки натпревари во низа, на последните 34 меча забележа 33 победи и едно реми, и освои 100 од можните 102 бода.
На 13 кола до крајот на сезоната, титулата веќе е извесна, прва по пауза од 30 години (вкупно 19-та), но освен тоа Ливерпул е на добар пат и за уривање на рекордот на Манчестер јунајтед од 2001 година, за најрана заверка на титулата, на 14 април.