Џемс Милнер (лево) во жесток дуел

Салах даде три гола, Милнер го одигра 500-от натпревар во Премиер-лигата против Борнмут, 4-0, а Манчестер сити загуби на гости од Челси, 0-2

„Ливерпул е прв на табелата“, се радуваа навивачите на Ливерпул на трибините по убедливиот триумф на гости над Борнмут од 4-0. Мохамед Салах постигна хет-трик, прв за „црвените“ на гостински терен по Луис Суарез против Кардиф во март 2014-та, по што „црвените“ се искачија на лидерската позиција со 42 бода. Ливерпул, единствената непоразена екипа сезонава во Премиер-лигата (13 победи и три ремија), има бод повеќе од бранителот на титулата, Манчестер сити, кој го претрпе првиот пораз на гости од Челси, 0-2.
Салах е водечкиот стрелец во лигата со 10 гола колку што има дадено и Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал. Салах стигна до бројката од 56 гола (42 во Премиер-лигата на 52 меча), на само 74 натпревари во дресот на Ливерпул со што ги надмина Фелипе Кутињо, но и клупските легенди како Грем Сунес, Питер Томпсон и Дејвид Ферклаф. Од почетокот на ланската сезона само Лионел Меси од Барселона (43) има дадено повеќе голови од Салах.

Салах заслужено го доби признанието за најдобар играч на мечот што му го подари на својот соиграч и капитен, Џемс Милнер (32), кој, пак, го одигра 500-от натпревар (238 победи) во Премиер-лигата, настапувајќи за Лидс, Њукасл, Астон Вила, Манчестер сити и Ливерпул. Вакво нешто покрај Милнер досега им успеало уште на 12 фудбалери. Рекордер е Герет Бери со 653 меча, а натаму следуваат Рајан Гигс (632), Франк Лампард (609), Дејвид Џејмс (572), Гери Спид (535), Емил Хески (516), Марк Шварцер (514), Џејми Карагер (508), Фил Невил (505), Стивен Џерард и Рио Фердинанд (504) и Сол Кемпбел (503).

Милнер е вториот најмлад дебитант во Премиер-лигата, во дресот на Лидс, на 16-годишна возраст во 2002 година. Тој е и седмиот најдобар асистент во лигата (80), што е подобар ефект од фудбалери како што се Дејвид Бекам, Давид Силва или Тиери Анри, на пример, а зад Гигс, Сеск Фабрегас, Вејн Руни, Франк Лампард, Денис Бергкамп и Џерард. На ова треба да се додаде дека Милнер, кој има дадено и 51 гол, е рекордер во една необична категорија, а тоа е дека кога тој дава гол тимот за кој настапува, не загубил 50 пати!

Челси го совлада актуелниот шампион Манчестер сити со 2-0 со што ја прекина нивната серија од 21 меч во низа без пораз во лигата (14 без пораз на гости), од април годинава, кога загуби од Манчестер јунајтед (2-3).

Британските медиуми ја величаат победата на Челси најмногу поради тоа што на другите тимови во лигата им покажа дека Сити не е непобедлив и затоа што борбата за титулата ја направи поинтересна.

Сити беше многу подобар тим, посебно во првиот дел, имаше вкупен посед на топката од 61 отсто, но тимот предводен од Маурицио Сари, кој ја забележа првата победа во тренерската кариера (претходните три меча ги загуби), против тимовите на Пеп Гвардиола знаеше да ги искористи малкуте шанси и заслужено да триумфира.