Новите датуми за летниот преоден рок, кој во Англија е преместен за 1 септември, ќе бидат одобрени од ФИФА, под услов да бидат меѓу двете сезони. ФИФА, која вети дека ќе се обиде да ги усогласи датумите колку што е можно повеќе, за да нема никаква штета за клубовите и за лигите, апелира до клубовите да ги заштитат работните места што е можно повеќе

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе ја продолжи сезоната 2019/2020 на неопределено време, оставајќи им на домашните лиги да одлучат за сопствената судбина во пандемијата на коронавирусот. Летниот преоден рок ќе биде поместен, а договорите што завршуваат на 30 јуни ќе бидат продолжени за краток период според предлозите договорени од најголемите фактори во фудбалот, ФИФА, конфедерациите, федерациите, клубовите, играчите и лигите, прашања што произлегоа од пандемијата на коронавирусот, објави „Би-би-си“.

Сите страни се согласни дека завршувањето на сезоната 2019/2020 до 30 јуни, како што првично се надеваа, нема да се случи. Бидејќи станува збор за глобална криза, постигната е согласност дека договорите што истекуваат на датумите пред очекуваниот крај на сезоната ќе бидат продолжени, односно ќе важат до нејзиното завршување, а новите договори ќе бидат потпишувани пред да почне новата сезона 2020/2021.

Новите датуми за летниот преоден рок, кој во Англија е преместен за 1 септември, ќе бидат одобрени од ФИФА под услов да бидат меѓу двете сезони, која вети дека ќе се обиде да ги усогласи датумите колку што е можно повеќе, за да нема никаква штета за клубовите и за лигите.
ФИФА, исто така, ги повикува клубовите да ги заштитат работните места што е можно повеќе, вклучувајќи намалување и одложување на платите и употреба на владини шеми.

Ако биде побарано да решава евентуални спорови, ФИФА, меѓу другото, ќе процени дали имало вистински обид да се најде решение, каков е економскиот статус на засегнатиот клуб, нето-приходите на играчите и дали со играчите се постапувало правилно. Иако ова е како совет за некакви насоки и може легално да биде оспорен, сите страни се надеваат дека тој ќе биде прифатен, со тоа што договорите остануваат на прво место.