Фудбалерите на Лестер го освоија трофејот во Комјунити шилд. „Лисиците“ го победија Манчестер сити со 1-0 во мечот помеѓу актуелниот освојувач на ФА-купот и шампионот со кој традиционално се отвора сезоната во Англија.

Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, изведе комбиниран состав во кој шанса добија неколку играчи од младинскиот тим. Најскапиот фудбалер во историјата на клубот, Џек Грилиш, дебитираше во 65-та минута, откако неодамна стигна од Астон вила во трансфер вреден 117,5 милиони евра. За разлика од Гвардиола, неговиот колега Брендан Роџерс, играше со речиси најсилниот тим.

Решавачкиот момент на натпреварот се случи во претпоследната минута кога Нејтан Аке направи фаул за пенал врз Келечи Ихеначо. Нигериецот ја презеде одговороноста и го совлада Зек Стефен за победа на Лестер.