Германскиот стручњак има годишна парична заработка од 3,85 милиони евра. Зад него се наоѓа Тите, селекторот на Бразил, со годишна плата од 3,5 милиони, колку што има и Дидие Дешам на француската клупа

Шпанска „Марка“ ја објави листата на заработка на селекторите што ќе ги предводат своите репрезентации на Светското првенство (СП) во Русија. На листата предничи селекторот Јоаким Лев, кој ја предводи Германија, актуелниот светски првак. Можеби и очекувано.
Германскиот стручњак има годишна парична заработка од 3,85 милиони евра. Зад него се наоѓа Тите, селекторот на петкратниот светски првак, Бразил, со годишна плата од 3,5 милиони, колку што има и Дидие Дешам на француската клупа.
Следуваат селекторите на Шпанија, Хулен Лопетеги (три милиони евра), потоа Станислав Черчешов, селекторот на домаќинот Русија, со годишен приход од 2,6 милиони евра. Фернандо Сантош, кој ја предводи Португалија, е со годишна заработка од 2,25 милиони евра, а селекторите на Иран и на Англија, Карлос Кеирош, односно Гарет Саутгејт, секоја година се побогати за по два милиона евра, предводејќи ги своите национални селекции.
Листата на 10-те најплатени селектори ја заокружуваат, Хорхе Сампаоли, селекторот на Аргентина со 1,8 милион евра и Оскар Табарез, кој како предводник на Уругвај, годишно инкасира по 1,7 милион евра.
Шпанскиот спортски магазин уште наведува дека разликите во заработките се големи, но во согласност со резултатите, очекувањата, реалните можности, како и со амбициите на репрезентациите.
Според оваа евиденција, најмалку, пак, е платен токму најмладиот селектор на Мундијалот во Москва, Алија Сисе (42), кој го предводи Сенегал. Тој заработува по 200.000 евра годишно.
На самото дно се наоѓаат, селекторите Адам Навалка (Полска), Младен Крстајиќ (Србија), Оскар Рамиреи Ернан (Костарика), Дарио Гомес (Панама), кои заработуваат по 400.000 евра годишно или помалку.