Левандовски на мечот Шалке – Баерн, 0-4, го даде 23-от првенствен гол сезонава и стана првиот играч во историјата на Бундес-лигата што постигнал гол на осум натпревари во низа на гости

Полјакот Роберт Левандовски постигна еден од четирите гола за Баерн, актуелниот европски и германски првак, на мечот на гости против Шалке, 4-0, кој е без триумф над Баварците 21 натпревар. Левандовски го даде 23-от првенствен гол сезонава и стана првиот играч во историјата на Бундес-лигата што постигнал гол на осум натпревари во низа на гости. Тоа беше и 11-ти натпревар во низа за него против Шалке на кој постигнува гол, вкупно 500-ти во кариерата, со што им се придружи на Лионел Меси, Кристијано Роналдо и на Златан Ибрахимовиќ, кои се преостанатите тројца активни фудбалери што имаат дадено 500 и повеќе голови.

Левандовски би можел да го надмине и рекордот според бројот на постигнати голови во Бундес-лигата што го држи Герд Милер, кој во сезоната 1971/1972 постигнал 40 гола.
Со нов рекорд може да се пофали и голманот на Баерн, Мануел Ноер, кој нема примено гол на 197 од 423-те меча во Бундес-лигата. Неговиот поранешен колега и рекордер во оваа категорија, Оливер Кан, исто така голман на Баерн, не дозволи да му се затресе мрежата на 197 од 557-те натпревари.
По 18 првенствени кола, Баерн, кој има дадено и рекорден број голови по 18 одиграни кола (53), е на чело на табелата со 42 бода, седум повеќе од второпласираниот Лајпциг и е на добар пат до освојување на деветтата титула во низа, вкупно 31. во својата клупска историја.