Сигурно дека сакам да постигнувам голови, но не размислувам за рекордот на Милер, затоа што не сакам да се ставам под голем притисок. Само сакам да си ја вршам својата работа. Морам да останам смирен, вели Левандовски, кој на мечот со Штутгарт го постигна првиот хет-трик во прво полувреме во Бундес-лигата, сега има 35 погодока, само пет помалку од рекордните 40 на Герд Милер од сезоната 1971/72

ФУДБАЛ – ЦЕНТАРФОРОТ НА БАЕРН Е НА ПЕТ ГОЛА ДО РЕКОРД НА БУНДЕС-ЛИГАТА

Баерн, иако и со 10 фудбалери поради исклучувањето на Алфонсо Дејвис во 12-то минута, го совлада Штутгарт со 4-0 и остана на лидерската позиција во Бундес-лигата со 61 бод, четири повеќе од Лајпциг. Незапирливиот Роберт Левандовски го постигна првиот хет-трик во прво полувреме на меч во Бундес-лигата, сега има 35 погодока во првенството (личен рекорд), вкупно 42 сезонава во сите натпреварувања. Тоа е шеста сезона по ред во која постигнува повеќе од 40 погодока.
Тој на осум меча до крајот на шампионатот сезонава е на само пет гола од рекордните 40 на Герд Милер од сезоната 1971/72. Во просек, Левандовски постигнува 1,35 гол по натпревар и доколку продолжи со тоа темпо до крајот може да постигне 45 гола. Тој е втор на листата на најдобрите стрелци на сите времиња во Бундес-лигата, со 271 гол, три повеќе од Клаус Фишер, но уште доста далеку од рекордните 365 на Герд Милер.

Аргентинецот Лионел Меси од Барселона го држи рекордот во петте најдобри европски лиги (Англија, Шпанија, Германија, Франција и Италија) според бројот на постигнати голови во една сезона, 50 во сезоната 2011/2012. Меси тогаш настапи на 37 натпревари, а Левандовски може да одигра најмногу 33 меча.
– Кога сте на теренот, секогаш мора да се обидете да дадете сѐ за тимот. Сигурно дека сакам да постигнувам голови, но не размислувам за рекордот на Милер, затоа што не сакам да се ставам под голем притисок. Само сакам да си ја вршам својата работа. Морам да останам смирен. Имаме уште неколку натпревари, ја имаме и Лигата на шампионите, се игра секои три дена, не е лесно и мора да се остане во врвна форма – изјави Левандовски (32) за официјалната интернет-страница на Баерн.


НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ СЕЗОНАВА ВО ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА

Роберт Левандовски 35
Кристијано Роналдо 23
Ерлинг Холанд 21
Лионел Меси 21
Андре Силва 21
Ромелу Лукаку 19
Килијан Мбапе 18
Луис Суарез 18

заклучно со 20 март
Извор: УЕФА