Годинава полскиот центарфор на Баерн постигна најмногу голови од сите во најдобрите пет првенства во Европа, 36, а и сезонава е далеку најефикасен, со 18, во сите натпреварувања

Годинава ниту еден друг фудбалер не постигнал повеќе голови за клубот од полскиот центарфор на Баерн, Роберт Левандовски. Ниту Кристијано Роналдо, ниту Лионел Меси, пишува Би-би-си. Секој клуб сака напаѓач со 20 гола секоја сезона, но многу немаат таков што веќе до ноември има толку голови. А го има Баерн. Левандовски постигна два гола во победата на Баерн против Олимпијакос со 3-2 во Лигата на шампионите (ЛШ) во вторникот, со што полскиот интернационалец за клубот и за репрезентацијата сезонава има неверојатни 21 погодок на само 17 натпревари. Сето тоа предизвика прашања низ социјалните мрежи дали тој е можеби најдобрата „деветка“ (напаѓач) во светот во моментов, пишува Би-би-си.

Статистиката за петте најсилни домашни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија) за 2019 година вели дека Левандовски постигнал 36 гола на 36 меча, а потоа следуваат Меси со 32 на 36 средби, Килијан Мбапе со 29 на 32 меча итн.

Со двата гола во ЛШ неделава Левандовски сега има 57 и стана петтиот најдобар стрелец во ЛШ, престигнувајќи го Руд ван Нистелрој на листата на која води Роналдо со 127 гола, пред Меси со 113, Раул со 71, Карим Бензема со 60 итн. Сезонава Левандовски е феноменален, особено на клупско ниво. Тој постигна 18 гола на 13-те настапи во сите натпреварувања, најмалку шест повеќе од кој било друг играч во најголемите пет европски лиги и постигна барем еден гол на секој од претходните 12 меча на Баерн. Левандовски сезонава не постигна гол само на еден дуел за Баерн, во поразот во Суперкупот на Германија со 0-2 од Борусија Д., на 3 август. Левандовски, исто така, забележа два хет-трика сезонава, по еден за Баерн и за Полска, пишува Би-би-си.


Вулканска пепел му ја смени кариерата

Кариерата на Роберт Левандовски можеше да има многу поинаква траекторија, ако не беше еден вулкан, спречувајќи го да потпише за англискиот Блекбурн од полскиот Лех во април 2010 година. Ерупцијата на исландскиот вулкан пред девет години и облакот од пепел што го создаде резултира со откажување на неговиот лет кон Англија.
– Не можев да патувам поради облакот од пепел од вулканот. Тоа траеше една недела и никој не можеше да лета во Европа. Летот беше резервиран, но не можевме да патуваме. Ми се смени животот. Ако одев во Блекбурн, можеби ќе останев таму – ја пренесе Би-би-си изјавата на Левандовски, кој подоцна потпиша за Борусија Дортмунд, во јуни 2010 година.


НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ СЕЗОНАВА
ИГРАЧ МЕЧ. ГОЛ.
Роберт Левандовски 13 18
Рахим Стерлинг 13 12
Андреа Белоти 14 11
Чиро Имобиле 9 10
Серхио Агуеро 10 10
голови во најдобрите
пет првенства во Европа
Извор: Би-би-си