ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Левандовски го постигна 268-от гол во Бундес-лигата, со што се израмни со Фишер, на втората позиција на листата на најдобри стрелци, на која убедливо води легендарниот напаѓач Милер, со 365 гола, а со 32 гола се доближи на осум и до рекордот според голови во една сезона на Милер

Европскиот и германски првак, Баерн, забележа рутинска победа на гости над Вердер, со 3-1, во меч од фудбалската Бундес-лига. Третиот гол (трипати ја погоди и стативата) за Баварците го постигна Роберт Левандовски, за него 268-от во Бундес-лигата, со што се израмни со Клаус Фишер (на 535 натпревари) на втората позиција на листата на најдобри стрелци, на која убедливо води легендарниот напаѓач Герд Милер, со 365 погодока.

Левандовски ги постигна 268-те гола на 345 натпревари, или во просек еден гол на секои 103 минути. Милер, пак, 365-те гола ги постигна на 427 меча, или во просек по еден гол на 105 минути.

За Левандовски (32) тоа беше 32-от гол сезонава (1,4 по натпревар), само осум помалку од рекордните 40 на Герд Милер во една сезона (1971/1972). Левандовски има девет меча до крајот на сезоната за да го достигне и престигне Милер во оваа категорија.

Ниту еден играч пред Левандовски нема постигнато 32 гола на 25 натпревари во Бундес-лигата. Претходниот рекорд го држеше Герд Милер, кој по 25 меча имаше 29 погодока, во сезоната 1971/1972, која ја заврши со 40 гола.

Левандовски со погодокот против Вердер сезонава постигна голови против 16 прволигаши, како и во сезоната 2019/2020. Вакво постигнување оствариле и Милер (во сезоните 1966/1967 и 1969/1970) и Аилтон (2003/2004), досега ниту еден фудбалер не постигнал гол против сите 17 прволигаши во една сезона, пишува „Кикер“.

Баерн, пак, може да се гордее со тоа дека постигнал барем еден гол на претходните 59 натпревари. Последниот меч без голови Баварците го одиграа на 9 февруари 2020 година, во ремито со Лајпциг. Баерн има и рекордни 74 гола во оваа фаза од првенството.