Големото германско дерби, Баерн – Борусија Д. (4-2), го обележија напаѓачите на двата тима, Левандовски постигна три, по што има 31 и е сѐ поблиску до рекордните 40 гола на Милер во сезоната 1971/72, а Холанд два гола, кој сега има 32 на 34 меча во Бундес-лигата и 100 во сениорска конкуренција, на 145 меча во сите натпреварувања на возраст од само 20 години

ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА

Триумф на Баерн над Борусија Дортмунд во големото германско фудбалско дерби, „Дер Класикер“, со 4-2. Баварците се најефикасниот тим во лигата сезонава со 71 гол, а помина повеќе од една година откако не успеаја да постигнат гол на еден меч (со Лајпциг на 9 февруари 2020, 0-0).
Хет-трик постигна Роберт Левандовски, вкупно 31 гол сезонава (на 23 меча) во Бундес-лигата, по што е сѐ поблиску до рекордните 40 гола на Герд Милер во сезоната 1971/72.
Со овој хет-трик, 13-ти во Бундес-лигата, но далеку помалку од рекордните 32 на Милер, Левандовски сега има 267 гола, еден помалку од второпласираниот Клаус Фишер. Најефикасен, повторно, е Милер со 365 погодока. Левандовски постигна 20 погодоци за Баерн на 14 средби против Борусија во Бундес-лигата, и најмалку по еден гол на 13 од претходните 14 првенствени меча. Тој е првиот фудбалер со 31 гол во Бундес-лигата по 24 кола во сезоната.

Двата гола за Борусија ги постигна Ерлинг Холанд во втората и во деветтата минута, за водство со 2-0, но тие не беа доволни за да се избегне поразот, седми во низа на арената „Алијанц“, со вкупна гол-разлика 5-30. Холанд има 32 гола на 34 меча во Бундес-лигата. Само Уве Зелер постигнал 32 гола побрзо од него (на 33 натпревари).
Холанд стигна и до бројката од 100 гола во сениорска конкуренција, на 145 натпревари (претходно за Молде и за Салцбург) во сите конкуренции на возраст од само 20 години. За споредба, на Килијан Мбапе му беа потребни 180 меча за да постигне 100 гола на таа возраст, на Лионел Меси 210, а на Кристијано Роналдо 301 натпревар.