Тој даде два гола на мечот Баерн – Фрајбург 3-1 и се запиша во книгата на рекорди на Бундес-лигата со постигнатите 33 гола, најмногу за еден странски играч

Баерн минатата недела ја завери осмата титула едноподруго во Бундес-лигата (вкупно 29-та), но не престана со победите и со рекордните постигнувања. Последниот триумф над Фрајбург сo 3-1 беше рекорден 15-ти за Баварците во сите натпреварувања, по двата пораза од Баер Леверкузен и од Борусија Менхенгладбах, лани во декември. Победничката серија на Баерн започна во февруари, а Лајпциг беше последниот тим што успеа да извлече реми.

На мечот против Фрајбург, Полјакот Роберт Левандовски даде два гола и се запиша во книгата на рекорди на Бундес-лигата со постигнатите 33 гола (сезонава вкупно 41 на 48 меча), најмногу за еден странски играч. Тој го мина Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг, кој за Борусија Дортмунд постигна 31 гол во сезоната 2016/2017.
Во историјата на Бундес-лигата само двајца фудбалери постигнале повеќе голови во една сезона од Левандовски. Тоа се легендата на Баерн, Герд Милер, 40 гола во сезоната 1971/1972, 38 во 1969/1970 и 36 во 1972/1973, како и Дитер Милер за Келн, 34 во сезоната 1976/1977.
Левандовски има постигнато вкупно 233 гола во Бундес-лигата и е на третата позиција на голгетерската листа. Поефикасни од него се само Герд Милер со 365 и Клаус Фишер со 268 погодоци.

– Роберт знае што е најважното тимот да биде успешен. Не може да постигнете ништо самостојно, потребна е помошта и од соиграчите. Но тој има квалитети да постигнува голови и тоа го прави редовно. Тој знае дека тимот е најбитен, но ако може да собори некој рекорд патем, тогаш уште подобро. Мислам дека и тимот е среќен поради него – изјави Ханси Флик, тренерот на Баерн.
Џамал Мусиала, кој влезе во игра во второто полувреме, на возраст од 17 години и 115 дена, стана најмладиот играч што настапил за Баерн во Бундес-лигата.