Роберт Левандовски е прогласен за најдобар фудбалер во 2020 година во конкуренција на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо, откако минатата сезона го предводеше германски Баерн до трофеите во Лигата на шампионите и во германската Бундеслига и куп. Тој ја освои наградата „ФИФА најдобар“ на виртуелната церемонија на прогласувањето на најдобрите во светот на фудбалот за сезоната 2019/2020, која се одржа вечерва во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија.

Одличниот полски напаѓач минатата сезона постигна вкупно 55 гола на 47 меча во сите конкуренции, од кои 34 во Бундеслигата и 15 во Лигата на шампионите. Тој веќе ја доби и наградата на УЕФА за најдобар фудбалер.

Левандовски заедно со Лука Модриќ, кој беше прогласен за најдобар во 2018 година, се единствените двајца фудбалери, покрај Меси и Роналдо, кои стигнаа до признанието во изминатите 13 години.

ФИФА исто така го објави најдобриот тим за годинава кој го сочинуваат Алисон Бекер (Бразил, Ливерпул), Трент Александер-Арнолд (Англија, Ливерпул), Серхио Рамос (Шпанија, Реал Мадрид), Вирџил ван Дајк (Холандија, Ливерпул), Алфонсо Дејвис (Канада, Баерн Минхен), Кевин де Брујне (Белгија, Манчестер сити), Тијаго Алкантара (Шпанија, Ливерпул), Џошуа Кимих (Германија, Баерн Минхен), Лионел Меси (Аргентина, Барселона), Кристијано Роналдо (Португалија, Јувентус) и Левандовски.

Претходно, Јирген Клоп од Ливерпул беше прогласен за најдобар тренер, додека Сон Хјунг-Мин од Тотенхем беше добитник на наградата „Пушкаш“ за најдобар гол.

Луси Бронз од Манчестер е прогласена за најдобра фудбалерка откако со Англија стигна до бронзениот медал на Светското првенство.

ФИФА организира избор на најдобрите од 1991 година (од 1991 наградата се викаше „Фудбалер на годината на ФИФА“, од 2010-та „ФИФА златна топка“, а од 2016 „ФИФА најдобар“).