Фудбалските клубови од Шпанија летово првпат ја надминаа сумата од една милијарда евра за трансфери на играчи, најавувајќи дека имаат за цел да ја вратат доминацијата во еврокуповите.

Лани клубовите од англиската Премиер-лига доминираа во Европа и ја прекинаа петгодишната доминација на шпанските екипи. Ливерпул го победи Тотенхем и ја освои Лигата на шампионите (ЛШ), а Челси го победи Арсенал во Лига Европа (ЛЕ).
Одговорот за ова на Шпанците се неверојатните трошоци од над една милијарда евра, првпат во историјата на Ла лига, сите во период од четириесетина дена. Како да се заменија двете лиги. До скоро Ла лига беше таа што ја бркаше Премиер-лигата според трошењето, а сега е спротивно. Овие две лиги беа најголемите потрошувачи во петте најсилни европски лиги во последните 10 години. Во летниот преоден рок лани, Англија имаше 31 отсто удел во вкупните трошоци, а Шпанија 20 отсто. Во 2017-та односот беше 37 спроти 13 отсто, а во 2016 година, 41-15 отсто.

Реал Мадрид летово не штеди пари и првпат по 2009 година, кога ги ангажира Кристијано Роналдо и Кака, се реши за скапи аквизиции. Тие веќе потрошија 303 милиони евра за Еден Азар, за Лука Јовиќ, Едер Милитао, Ферланд Менди и за Родриго.
Првиот човек на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез, разочаран од лошата сезона 2018/2019, реши на Зинедин Зидан да му купи сѐ што е потребно за освојување нови трофеи.

Двата тима што завршија пред Реал на табелата, шампионот, Барселона и Атлетико, исто така не беа штедливи. По освојувањето на титулата во Ла лига со предност од 11 поени, не изгледаше дека на Барса ѝ се потребни засилувања. Но, освен желбата да се освои првата титула во ЛШ по 2015 година, трошоците за нови играчи се должат и на потребата да се држи чекор со ривалите.

Барса го ангажира Антоан Гризман за 120 милиони евра, сума што Атлетико ја оспорува и смета дека е премала. Френки де Јонг, второто големо засилување, дојде од Ајакс за 75 милиони евра, а со голманот Нето беше пополнета празнината по заминувањето на Јаспер Цилесен во Валенсија.

Атлетико направи еден од најголемите трансфери на сите времиња со ангажирањето на тинејџерската сензација Жоао Феликс од Бенфика, за 126 милиони долари. Нови играчи се Маркос Љоренте, Марио Хермосо, Киран Трипиер и Ектор Ерера. Од друга страна, освен Гризман, Атлетико ги продаде Лукас Ернандес, Родри, Филипе Луис, Диего Годин и Хуанфран.

Трансферите во Англија обично се главни теми за разговор во текот на летото, но годинава повеќето од големите тимови како да го надминаа потрошувачкото лудило.
Шампионот Манчестер сити го ангажира само Родри од Атлетико, а европскиот првак, Ливерпул, воопшто не е активен.

– Ова нема да биде најголемиот преоден рок за Ливерпул, бидејќи многу инвестиравме во тимот во последните две години. Не можеме да трошиме секоја година на ист начин. Можеби има само неколку клуба во светот во моментот, како Барселона, Реал, Манчестер сити и ПСЖ, што можат да го прават тоа секоја година – изјави менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп. Л.Д.