Најголем трансфер е тој на Феликс (126 милиони), Бразил имал најмногу клубови вклучени во меѓународните трансфери, 306, кај нето-заработката Португалија води со 454,6 милиони евра…, пишува во извештајот на ФИФА

Рекордни 6,6 милијарди евра биле потрошени во 2019 година за трансфери на фудбалери, се вели во извештајот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Таа бројка е повисока за повеќе од 5,8 отсто во споредба со 2018 година. Англиските клубови потрошиле најмногу, 1,78 милијарда евра, што е намалување за 22,1 отсто од 2018 година.

Најголемиот трансфер лани го направи Атлетико, со ангажирањето на младиот напаѓач на Бенфика, Жоао Феликс, за 126 милиони евра, што е петти најскап трансфер во историјата. Потоа следуваат трансферите на Антоан Гризман од Атлетико во Барселона, за 120 милиони, и на Еден Азар од Челси во Реал, за 100 милиони евра. Хари Мегваер стана најскапиот дефанзивец во светот за кого Манчестер јунајтед на Лестер му плати 94,7 милиони евра. Ајакс, пак, ги продаде младите sвезди Матијас де Лихт и Френки де Јонг на Јувентус, односно на Барселона, за по 75 милиони евра.

Во машкиот фудбал лани се направени вкупно 18.042 трансфери, што е рекорд, во кои беа вклучени 15.463 играчи од 178 земји. Зголемување е забележано и кога станува збор за потрошените пари за трансферите на фудбалерките, за 16,3 отсто, или вкупно 588.260 долари, а најмногу трансфери од вкупно 833-те се направени во САД, речиси 20 отсто.

Бразил имал најмногу клубови вклучени во меѓународните трансфери, 306. Германија е втора со 144, Шпанија трета со 130, а Англија четврта со 128. Во однос на нето-заработката, Португалија води со 454,6 милиони евра. Најлоша во таа категорија е Англија, со минус од 651,1 милиони евра. Извештајот, исто така, покажува дека огромното трошење пари е концентрирано меѓу одредена група клубови што ѝ припаѓаат на фудбалската елита, поточно 80 отсто од потрошените пари се распоредени меѓу 100 клуба.