Франк Лампард

Кантона освои четири титули во Премиер-лигата за пет сезони, Кин го водеше Манчестер јунајтед до седум титули за време на 12 сезони во клубот, а Лампард со Челси освои три титули во Премиер-лигата. Тие им се придружуваат на Ширер и на Анри, кои беа првите играчи што беа примени во Куќата на славните минатиот месец

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Поранешните соиграчи од Манчестер јунајтед, Ерик Кантона и Рој Кин, како и некогашниот капитен на Челси, Франк Лампард, се примени во Куќата на славните на англиската фудбалска Премиер-лига. Тие им се придружуваат на Алан Ширер и на Тиери Анри, кои беа првите играчи што беа примени минатиот месец.
Кантона му се приклучи на тимот на менаџерот Алекс Фергусон од Лидс во 1992 година и освои четири титули во Премиер-лигата за пет сезони, пишува британски „Би-би-си“.
– Многу сум среќен и горд, но во исто време не сум изненаден. Ќе бев изненаден ако не ме избраа. Имав среќа да играм во овој тим, со прекрасни играчи, прекрасен менаџер и прекрасни навивачи – рече 54-годишниот Французин.
Францускиот интернационалец Кантона ја освои титулата во тогашната Прва лига со Лидс во сезоната 1991/92, а потоа постигна 70 гола на 156 настапи во Премиер-лигата за Манчестер јунајтед, пред да се повлече од фудбалот во 1997 година.
Ирецот Кин беше уште една доминантна фигура во Манчестер јунајтед, водејќи го клубот до седум шампионски титули во Премиер-лигата за време на 12 сезони во клубот, пред да си замине со заедничка согласност во 2005 година.

Рој Кин и Ерик Кантона

– Се чувствувам многу среќен што сум примен, но примен сум само поради играчите со кои играв – изјави Кин.
Лампард во 20-годишната кариера во Премиер-лигата освои три титули со Челси, во 2005 година беше избран за играч на годината, а се повлече како најефикасен плејмејкер во натпреварувањето со 177 гола.
Тие се тројцата од шестемина нови примени фудбалери во Куќата на славните, најавени за неделава. Избрани се од потесниот список на 23 лица, според повеќето комбинирани гласови на јавноста и на комисијата во Премиер-лигата.
Комплетен список од 23 играчи: Тони Адамс, Дејвид Бекам, Денис Бергкамп, Сол Кембел, Ерик Кантона, Ендру Кол, Ешли Кол, Дидие Дрогба, Лес Фердинанд, Рио Фердинанд, Роби Фаулер, Стивен Џерард, Рој Кин, Френк Лампард, Мет Ле Тисие, Мајкл Овен, Петер Шмајхел, Пол Сколс, Џон Тери, Робин ван Перси, Немања Видиќ, Патрик Виера, Јан Рајт.