Интер, Наполи, Челси, Арсенал – беа клубовите што се споменуваа како заинтересирани за Македонецот Дејан Кулушевски (19), кој игра одлична сезона во Парма (позајмен е од Аталанта).

Сепак, штом Јувентус се вклучи во трката по младиот играч, кој иако има македонски корени, настапува за Шведска, тогаш „Старата дама“ доби нов перспективен играч.

Иако сѐ уште не е официјализиран трансферот во Јуве, денеска Кулушевски е на медицински прегледи во Торино.

Италијанските медиуми пишуваат дека Јуве на Аталанта ќе ѝ исплати отштета од 35 милиони евра, а клубот од Бергамо може да заработи дополнителни 9 милиони евра од премии.

Сепак, Кулушевски до крајот на сезоната ќе остане во Парма, клубот во кој есенва постигна 4 гола, а имаше и 7 асистенции.

Јуве му подготви договор до јуни 2024 година со што Кулушевски ќе заработува по 2.5 милиони евра по сезона.