Во наредните 15 месеци на многу фудбалери во петте најсилни лиги во Европа им истекуваат договорите, како на пример Рамос, Меси, Модриќ, Суарез, Ракитиќ, Видал, Васкез, Коста, Алаба, Алкантара, Ноер, Мартинез, Боатенг, Д. Силва, Агуеро, Игуаиан, Кедира, Кавани, Т. Силва, Ди Марија, Дракслер…

НАСКОРО ИМ ИСТЕКУВААТ ДОГОВОРИТЕ НА ГОЛЕМ БРОЈ ЅВЕЗДИ

Никој не знае точно како ќе се смени фудбалот по пандемијата на коронавирусот, кога и како ќе се продолжи или што ќе се случи на пазарот за фудбалските трансфери. Но она што е сигурно е дека во наредните 15 месеци, односно до летото 2021 година, неколку играчи можеби ќе ја завршат својата кариера во клубовите каде што станаа основни двигатели, без разлика дали ќе завршат нивните договори или, пак, затоа што се приближува нивното пензионирање, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“, на својата интернет-страница.

Барселона и Реал Мадрид имаат играчки столбови во своите тимови на кои до крајот на 2021 година им завршуваат договорите, иако никој не замислува дека Серхио Рамос или Лионел Меси нема да бидат и понатаму нивни играчи, пишува „Марка“, според која в година им истекуваат договорите и на уште двајца големи играчи, Лука Модриќ (Реал) и Луис Суарез (Барселона). Двајца други фудбалери ќе влезат во последната година од нивниот договор на „Ноу Камп“ летово, тоа се Иван Ракитиќ и Артуро Видал. На стадионот „Сантијаго Бернабеу“, пак, пет сезони е Лукас Васкез, кој со Реал има три трофеи во ЛШ, но во последната година од неговиот договор нивото на конкуренција во нападот се изостри со Родриго, Раиниер, Винисиус и со Еден Азар.

Во Атлетико Мадрид, пак, Диего Коста ќе влезе во последната година од својот договор и е најискусен во тимот на тренерот Диего Симеоне, по седум сезони и 297 меча.
Од бундеслигашот Баерн, Давид Алаба, Тијаго Алкантара, Мануел Ноер, Хави Мартинез и Жером Боатенг исто така се на крајот на своите договори (в година). Во Англија, заминувањето на Давид Силва е потврдено, а договорот на Серхио Агуеро е до 2021 година, како и во Серија А за Гонзало Игуаиан и за Сами Кедира во Јувентус, Александар Коларов и Диего Пероти во Рома, а останува да се види што ќе се случи со на пример Џанлуиџи Донарума во Милан, кој пет години е прв голман, а има само 21 година, пишува „Марка“.

Во Франција, пак, кај ПСЖ летово им истекуваат договорите на Единсон Кавани, Тијаго Силва, Лајвин Курзава и на Томас Муние, а следното лето на Анхел Ди Марија и на Јулијан Дракслер.